Премиерот Груевски и министерот Тодоров ја посетија Детската клиника

Премиерот Никола Греувски и министерот за здравство Никола Тодоров денеска ја посетија Детската клиника во Скопје каде што завршија градежните работи во рамки на реновирањето и сериозното подигнување на нејзиниот стандард.

Министерот Тодоров информираше дека за годинa и пол се инвестирани над 110 милиони или приближно 2 милиони евра, а само реконструкцијата на постојните 22 и нови 40 тоалети, како и промената на сите прозори и лифтовите чини 55 милиони денари. Набавени се и нови 220 кревети, а во тек се и други градежни работи, меѓу кои и Ургентниот центар инвестиција од околу 250 илјади евра.

- На овој начин правиме сериозни чекори во правец на подигнување на стандардите на Детската клиника, а резултатите се веќе видливи, изјави министерот Тодоров, потенцирајќи оти на дело се гледа посветеноста на Владата и нејзината фокусираност на здравството имајќи предвид дека многу одамна Детската клиника немала инвестиција од 2 милиони евра за година и половина.

Според директорката на Детската клиника Аспасија Софијанова на интензивна нега на оваа клиника годишно се спасуваат околу 400 детски животи, но вкупниот број, истакна, е многу поголем.

- Довербата кај родителите е зголемена и според статистичките податоци оваа година во овој период една третина се повеќе пријавени пациенти кои имаат потреба да дојдат со одредена проблематика, изјави Софијанова, додавајќи оти целта е Детската клиника да прерасне во регионален центар.