Писмо од вицепремиерот Пешевски до вицепремиерот на Косово, Кусари

Почитувана г-ѓо Кусари

И јас и Вие сме сведоци на една прилично непријатна ситуација во која се најдоа нашите држави во текот на последните неколку дена. Во јавноста во двете земји кружат различни информации и постојат многу различни мислења околу мотивите, причините, фактите и аргументите врз кои се базира актуелната ситуација. Тоа предизвикува забуна и не придонесува за надминување на состојбите.

Мислам дека на граѓаните им ја должиме вистината. Затоа Ве поканувам и повикувам на заеднички телевизиски настап, уште денес, каде што пред очите на јавноста ќе може да ги презентирам нашите аргументи а граѓаните да извлечат заклучок. Тој телевизиски заеднички настап може да биде на Алсат телевизија, или на телевизија која Вие ќе ја посочите, а зрачи и во двете држави.

Оваа ситуација заслужува транспарентност, а и цврсто верувам дека и нашиот разговор пред очите на јавноста ќе придонесе за надминување на предизвиците. Конечно, тоа ќе придонесе и за надминување на сегашната ситуација и ќе помогне да се спречат вакви слични непотребни проблеми во иднина.