Писмена изјава на вицепремиерот Пешевски

Почитувани,

Сакам да известам дека колешката Кусари негативно одговори на мојата покана за заеднички телевизиски настап со неа во кој би ги презентирале аргументите на двете страни за да може јавноста да ја знае вистината и да извлече правилни заклучоци. Во својот одговор, таа повикува на директен дијалог, нешто на што во меѓусебната комуникација јас инсистирав уште минатата недела, пред да ги воведеме ние нашите мерки, но таа иницијатива од моја страна тогаш остана без одговор.

Точно е дека решението е можно да биде најдено само во директни разговори, нешто што повторно го нагласив во меѓусебната размена на пораки со вицепремиерката Кусари уште минатата недела, но исто сметам дека граѓаните на двете држави треба да знаат дека во ниту еден момент Република Македонија не посакуваше ваков развој на настаните. Заедничкиот настап ќе ги отстрани можностите за различни толкувања на оваа ситуација и причините поради која таа настана, и ќе спречи да се создаде лузна во добрососедските односи на двете држави. За таа цел јас сум и понатаму спремен да прифатам јавна дебата на оваа тема со било кој член на Владата на Република Косово.