Националниот сојуз на слепи лица доби нови 400 помагала

Четиристотини помагала од кои 300 звучни топломери и 100 звучни апарати за мерење крвен притисок доби денеска Националниот сојуз на слепи лица на Република Македонија. Помагалата ги набави Министерството за здравство кое за овој проект одвои 1,2 милиони денари.

На примопредавањето на помагалата претседателот на Националниот сојуз на слепи лица Жарко Селковски изразувајќи задоволство од донацијата рече дека помагалата се од големо значење и слепите лица ќе можат самостојно да ги користат.

- Верувам дека ќе продолжи соработката со Министерството за здравство и со другите министерства за набавка и на други помагала, како и во други области - вработувања, изградба на дневен центар, дом на слепи лица итн., посочи Селковски.

Министерот за здравство изјави дека во Националниот сојуз на слепи лица разговарале и за другите потреби на оваа категорија лица, а било отворено и прашањето за набавка на слични вакви апарати за слепите лица кои се дијабетичари за мерење шеќер во крвта.

- Ќе направиме напор во наредниот период и ова да го реализираме и на 100 до 120 слепи лица кои се дијабетичари да им обезбедиме апарати за мерење шеќер во крвта. Со ова практично се подигнува квалитетот на животот на оваа категорија, додаде Тодоров.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов рече дека имаат континуирана соработка со Националниот сојуз на слепи лица. Тој укажа на најзначајните мерки кои се спровеле изминатиот период, како што се додатокот за слепило кој во моментот го користат околу 1.080 потполно слепи лица.

- Како Министерство за труд и социјална политика во соработка со останатите министерства на слепите лица им е обезбеден бесплатен превоз во железничкиот сообраќај, бесплатни автобуски карти низ Македонија за шест пати годишно повратни карти за превоз нa слепите и нивните придружници, потенцира Спасов.

Тој го најави почнувањето на постапката за отворање на дневен центар за слепи деца кој ќе биде лоциран во Скопје.

- Моментално разговараме за можните простории каде би се сместил дневниот центар. Предлог на Националниот сојуз на слепи лица е отворање на дом за стари слепи лица кои се станбено необезбедени. Во наредниот период почнуваме активности за зголемување на фондот на аудио-книги на македонски јазик во рамки на Националната библиотека, додаде Спасов.