Министерот Тодоров го посети Здравствениот дом во Радовиш

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска го посети Здравственот дом во Радовиш по повод завршувањето на градежните работи и пуштање во употреба нова медицинска опрема.

Тој изјави дека станува збор за инвестиција од 11 милиони денари, а во која се вклучени општината, Здравствениот дом и Министерството.

- Пред се морам да се заблагодарам на локалната самоуправа и ова е еден одличен пример, како треба да се соработува на локално ниво со цел унапредување на здравствената заштита за сите граѓани кои живеат на територија на општина Радовиш. Можете да забележите дека направена е навистина темелна реконструкција на цел овој дел каде што ќе се сместат специјалистичко-консултативните амбуланти, интернистичкото одделение ќе биде тука, потоа уво нос и грло, очното одделение. Видовте дека имаме и нов ехо апарат со кој практично ќе се зголеми бројот на здравствени услуги, рече Тодоров.

Тој истакна дека во тек е и постапката за набавка на мебел за новиот објект на Здравствениот дом во Радовиш, а се очекува да заврши за еден месец.

Градоначалникот на општина Радовиш, Сашко Николов истакна дека локалната власт и натаму ќе продолжи со инвестициите во здравството, но и во другите сектори.

Тој посочи дека општината за реконструкцијата на објектот за специјалистички-консултативни прегегледи инвестирала шест милиони денари, а донација на општината е и новиот 3Д ехо апарат.

Министерот Тодоров одговорајќи на новинарски прашања рече дека проектот за враќање на лекарите од приватното во јавното здравство е успешен бидејќи веќе 80 лекари специјалисти се вратиле да работат во болниците и здравствените домови. Тој очекува до крајот на годината во јавното здравство да се вратат над 90 специјалисти.

Прашан за идните реформи во здравството, Тодоров посочи дека тие се одвиваат во континуитет, бидејќи, како што рече, со завршувањето на едната веднаш почнува нова реферма.

- Во Министерството има тим кој ги следи медиумите во неколку развиени земји, Франција, Германија, Англија итн., истакна Тородорв и додаде дека и тие држави се соочуваат со многу здравствени проблеми.

Потенцира дека здравството бара контиуирана посветена работа.

- Во процедура е Законот за лекови кој е сериозна промена. Имавме две јавни дебати за тоа. Се воведува можност за паралелен увоз на помошни медицински помагала. Тоа е една сфера во која сум убеден дека ќе има една заштеда на средствата, рече Тодоров.

Министерот најави десетина нови проекти во областа на здравството.