Предадени во употреба двете нови продавници за сувенири во Охрид

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во Охрид свечено ги предеде во употреба двете нови продавници за сувенири, лоцирани на плоштадот кај Стариот чинар и кај Градското пристаниште.

- Станува збор за унифицирани монтажни објекти, сувернирници, какви што Министерството за култура веќе има поставено ширум државата. Благодарение на брзата одлука на новата локална власт, добиена е согласност за поставување на три вакви сувенирници во Охрид. Денеска промовираме две, додека за третата е добиена дозвола, така што наскоро и таа ќе биде отворена, истакна министерката Канческа-Милевска.

Таа изрази задоволство од локациите на кои се поставени сувенирниците, оттаму што се наоѓаат на фреквентни места, каде има голем број туристи.

- Сметам дека овие сувенирици ќе имаат голема важност оттаму што сите посетители и туристи ќе можат тука да купат автентиечен сувенир, што го отсликуваат богатото културно наследство на Македонија, нагласи таа.

Министерката додаде дека сите претходно поставени сувенирници во земјата добро функционираат, добро се прифатени од посетителите, изразувајќи уверување дека покрај економскиот бенифит овие сувенирници ќе придонесат за дополнително културно промовирање на македонскиот културен и историски идентитет.

Во овие продавници туристите и посетителите на Охрид ќе можат да купат културно-туристички промотивен материјал што ќе го понесат со себе како сувенир од Охрид, како копии од артефакти пронајдени на археолошките локалитети во Макеоднија, приврзоци, сложувалки, разлгледници и друго.

Освен тоа, во продавниците во Охрид застапени се и копии од археолошки предмети пронајдени на охридските локалитети како што се Дебој, Самоиловата тврдина, копии на златните маски, бисери изработени од семејството Филеви, копии од икони, копии од фрески, резба, предмети од филигран, бакрорез, изданија на Завод и музеј од Охрид.

Вакви објекти досега се отворени на граничниот премин „Богородица“, во Дојран, Ресен, Крушево, Берово и пет во Скопје, а наскоро ќе бидат поставени и во Тетово, на локалитетот Стоби и на други места.