Тодоров: Да ги подигнеме стандардите на здравствените системи

Да ја искористиме нашата колективна мудрост, да одговориме на заедничките предизвици со кои се соочуваме во регионот и да ги подигнеме стандардите на здравствените системи и испораката на здравствените услуги врз основа на она што веќе е постигнато. Ова е пораката која министерот за здравство Никола Тодоров ја упати до учесниците на 63. Годишна сесија на Регионалниот комитет на Светската здравствена организација за Европа која почна денеска во турскиот град Чешме.

- Република Македонија ја зема во предвид стратегијата Здравје 2020 и нејзиниот мониторинг систем за развој при изготвување на нашиот нов Оперативен здравствен план 2020 за здравствен развој до 2020 година со силна рамка за следење. Со техничка поддршка на СЗО ние веќе навлеговме во работата на Стратегијата за незаразните болести и Оперативниот план, како и усвојување на регионалната рамка за следење во националната, рече Тодоров во обраќањето до учесниците на сесијата на Регионалниот комитет на СЗО за Европа.

Со брзиот развој на здравствениот пејзаж и зголемените очекувања на пациентите, посочи тој, Министерството за здравство е посебно фокусирано на зајакнување на човечкиот потенцијал во здравството и за таа цел инициравме крупна реформа во едукацискиот систем, стручна доедукација на здравствениот кадар во јавните здравствени установи, односно на имплементација на специјализациите и на стручните обуки во странство.

- Да споменам уште една важна реформа во фармацевтскиот сектор од која бенефитите пациентите веќе ги чувствуваат. Станува збор за воведување нова методологија за утврдување на цени на лекови што резултираше со намалени цени на вкупно 1.636 лекови за различни видови болести. Во континуитет работиме и на осовременување на опремата - станува збор за апаратура од најнова технологија и нешто што е последен производ на медицинскиот пазар, како и на комплетна реконструкција на јавните здравствени установи чија вредност надминува над 150 милиони евра, потенцира Тодоров.

Тој рече дека во финална фаза е обновата на поголем дел од болниците, како и изградба на комплетно нови здравствени објекти, а во моментов сме фокусирани и на реконструкција на здравствени домови како една од покрупните реформи што во голема мера ќе влијае на подобрување на условите за лекување на болните, како и за подобрување на инфраструктурните услови за работа на лекарите и останатиот медицински кадар.

- Во тек се и многу други проекти за унапредување на здравствениот систем во државата како што е воведувањето национален електронски систем за закажување пациенти и интервенции во здравствениот систем во Македонија. Станува збор за многу напреден систем, еден од ретките во поширокиот регион кој нуди сеопфатна можност за закажување од примарно до терцијарно ниво на здравствена заштита. Во тек е имплементацијата на електронскиот систем за евиденција на здравствените податоци со кои ја заокруживме имплементацијата на Интегрираниот здравствен информатички систем, рече Тодоров.

Изрази надеж дека во новиот двегодишен период 2014/2015 ќе продолжи одличната соработка со СЗО/Европа и дека ќе бидат искористени техничките совети и насоки на национално и под-регионално ниво во ЈИЕ.

Министерот Тодоров синоќа имаше средба со неговиот турски колега Мехмет Муезиноглу, со кој договори изготвување на заеднички проект за Турско-македонска недела на здравството.

Тој вчера се сретна и со директорот на Регионалната канцеларија на СЗО за Европа Сузана Јакаб со која потпиша договор за соработка меѓу Министерството за здравство и СЗО - Регионална канцеларија за Европа за периодот 2014-2015 година. Република Македонија е првата земја од Европа која потпиша ваков договор со СЗО во оваа сесија на договори што ќе овозможи да се обезбедат двојно повеќе средства од оние што претходно биле обезбедувани за оваа намена. Станува збор за 660 илјади до 700 илјади евра кои ќе бидат наменети за техничка помош на Министерството за здравство за повеќе области.