Промовирани реставрирани и дигитализирани филмови на браќата Манаки

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска вечерва во Битола промовираше реставрирани и дигитализирани филмови на браќата Јанаки и Милтон Манаки, ДВД издание на Кинотека на Македонија.

На промоцијата во прес-центарот на ИФФК „Браќа Манаки“, министерката Канческа-Милевска посочи дека проектот е од национален интерес во областа на културата и е составен дел на програмата на Министерството за култура со кој се демонстрира грижата за богатото аудиовизуелно наследство што го поседува Македонија.

- Токму во Битола, во градот во кој браќата Манаки создадоа непобитни фактографски и естетски вредности, во рамки на фестивалот кој ја вреднува естетиката на филмската камера, ги промовираме реставрираните и дигитализирани филмови на браќата Манаки, кои во голема мера го трасираа патот на балканската филмска историја. Овој проект е резултат на нашите заложби да обезбедиме вистински приод во заштитата на филмското наследство на Република Македонија. Проектот воедно потврдува дека нашата национална институција, Кинотека на Македонија, ги следи и исполнува меѓународните стандарди за заштита и реставрација на националното аудиовизуелно наследство и е во чекор со светските трендови за презентација на сопствената, национална кинематографија, истакна Канческа-Милевска.

Таа посочи дека процесот на дигитализација и дигитална реставрација на националното аудиовизуелно наследство започнала во 2011 година, како неопходен зафат во развојот на новите технологии за заштита, чување и презентација на културното наследство.

- Дигитализацијата, која е една од основните цели на стратегиите за културно наследство на Европската Унија, ја препознавме како значаен елемент во изградбата и развојот на информатичкото општество и општеството на знаење, сегмент кој претставува значаен фактор во остварувањето на културната политика и на културниот развој на земјата. Реставрираните и дигитализирани филмови на браќата Манаки се несомнено голема придобивка за македонската култура. Опусот кој тие го оставија зад себе е научна вистина за балканската не само филмска, туку и културна историја, потенцира Канческа-Милевска.

Реставрирањето на 42 наслови, односно 70 минутниот материјал се изврши во текот на минатата и оваа година во унгарската филмска лабараторија во Будимпешта.