Стручна странска помош за компаниите со поддршка од Владата

Прес - конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Владата на Република Македонија, водејќи се од политиката за унапредување на деловното опкружување, постојано работи на подобрување на бизнис климата, на унапредувањето на условите за економски раст и зајакнување на конкурентноста на домашните компании. Ценејќи ги знаењето и стручноста на докажани странски експерти од различни индустрии и области, и позитивните искуства кои домашни и надворешни компании ги имале со ангажман на таквите експерти, Владата на Република Македонија ќе имплементира еден сериозен и значаен проект кој во својата суштина опфаќа обезбедување и ангажирање на докажани странски експерти и користење на нивната стручна помош од страна и во функција на потребите на компаниите во Република Македонија.

Денеска започнува првата фаза од тој проект и во текот на денешниот ден Владата ќе објави Јавен повик за пројавување интерес за ангажирање на странски експерти од страна на домашните компании. Повикот ќе трае 45 дена од денот на неговото објавување, значи некаде до почетокот на месец ноември и токму затоа, Владата на Република Македонија ги охрабрува и ги поканува компаниите од приватниот сектор да аплицираат на повикот за пројавување интерес за користење стручна помош од странски експерти од различни области како земјоделие, прехранбена индустрија, туризам, градежништво, текстилна индустрија, информатички технологии, финансии и други стопански дејности и сфери. Компаниите кои имаат потреба од странски експерт ќе треба да ја наведат конкретната потреба за негов ангажман, во смисла делот од производствениот, услужниот или пак управувачкиот процес во кој е потребна експертиза, предметот за експертиза, интенцијата на користењето на експертизата и слично. Особено се охрабрува пријавување на интерес за користење на експерти од областа и сферата на технологијата на работа на компанијата и техничко-технолошкиот процес, кои би можеле да придонесат за поголема продуктивност, ефективност и ефикасност во деловниот потфат, во обезбедување на подобро производство и повисок принос, подобрување на дел од производниот процес како и повисока вредност и конкурентност на производите или услугите кои ги нуди компанијата.

Апликациите на оние компании кои ќе ги исполнат условите од огласот ќе бидат проследени до странските организации кои нудат експерти како техничка помош. За оваа цел Владата веќе има договорено соработка со специјализирани и стручни организации кои нудат експертска помош од Холандија и од Германија, а се чини веројатно дека ќе се обезбеди ваква соработка и со други организации од други земји, вклучително и од Соединетите Американски Држави. Доколку странската организација во својот регистар има експерт од областа или пак за потребата која ја побарува домашната компанија истиот ќе биде ангажиран. Владата на Република Македонија ќе овозможи, во соработка со организациите кои нудат ваков вид на техничка помош, да бидат покриени целосните или значителен дел од средствата  потребни за ангажирање на странскиот експерт. Во определени случаи минимален  партиципативен надомест ќе може да биде потребен и од страна на домашната компанија која побарала ангажирање на странскиот експерт, но само со претходна согласност на самата домашна компанија и во сооднос на покривање на трошоците за ангажман на експертот кој ќе биде спогодбено дополнително определен. Избраните експерти ќе бидат ангажирани да поминат неколку недели во компаниите, да направат анализа, да дадат совети и мислења, да го контролираат процесот на работа на компаниите, да бидат консултирани за подобрување на работата и да се разменат искуства во сферата која е предмет на интерес.

За овој проект се направени првични консултации со стопанските комори кои даваат поддршка на проектот, а во следните денови владини претставници ќе одржат специјализирана средба со коморите за овој проект и во соработка со коморите ќе се обидеме да ја претставиме оваа можност до што поголем број на компании и да обезбедиме повисок одѕив на истите на повикот.

Условите кои компаниите треба да ги исполнуваат за да аплицираат на повикот за пројавување интерес се многу едноставни и тоа:

   Да се регистрирани во Централниот регистар на Република Македонија и да имаат најмалку два последователни финансиски извештаи;

   Да имаат 5 и повеќе вработени;

   Да се обратат по писмен пат или електронски пат до Владата на Република Македонија со пополнета апликација за пројавување интерес.

Сите заинтересирани компании своите апликации, кои ќе бидат прикачени на интернет страната на Владата, со назнака „Пројавување интерес за користење стручна помош од странски експерти” да ги испратат во вид на писмен поднесок на адреса Влада на Република Македонија, бул.  „Илинден” бр. 2, 1000 Скопје, или пак по електронски пат на специјализираната електронска адреса  aplikacii@gs.gov.mk. Компаниите ќе може да ги достават своите апликации и со директно пополнување на апликација која ќе биде поставена на интернет страната на Владата vlada.mk и со самото пополнување автоматски во систем ќе бидат генерирани нивните апликации.

Цениме дека со овој проект значително ќе се придонесе за обезбедување на нови и подобри можности за домашните компании, во насока на подобрување на нивната продуктивност, ефикасност, ефективност и профитабилност, со што ќе се даде поддршка и на економскиот раст на земјата и поддршка на обезбедувањето на нови работни места и нови вработувања.