Груевски-Леко: Поинтензивна соработка во сферата на законодавството

Премиерот Никола Груевски попладнево во Загреб, во рамки на официјалната посета, имаше средба со претседателот на хрватскиот Парламент Јосип Леко.

Соговорниците, се согласија дека односите меѓу двете држави се исклучително пријателски и претставуваат солидна основа за натамошно развивање на пријателството и реализација на поинтензивна соработка во повеќе полиња, меѓу кои и сферата на законодавството.

Премиерот Груевски на средбата изрази надеж за остварување конкретна парламентарна соработка меѓу двете држави преку реализација на нови форми кои ќе придонесат за дополнително зближување на државите. Посочи дека досега постојат повеќе активни договори кои се резултат на заедничкото разбирање и пријателство меѓу двете држви, а еден таков е договорот за исклучителна основа за унапредување на соработката во полето на евроинтегративните процеси кои и понатаму остануваат приоритет за Република Македонија.

Груевски притоа рече дека Македонија останува посветена на европската агенда истакнувајќи го прогресот кој беше направен на тоа поле и кој беше поздравен со четири последователни позитивни извештаи за напредокот на Македонија од Европската комисија и четири препораки за определување датум за почеток на пристапни преговори за членство во ЕУ. Тој истакна дека евроатланските интегративни процеси се исклучително важни за стабилност на регионот.

Претседателот на Саборот на Хрватска Јосип Леко констатираше дека двете држави развиваат одлична соработка која е добра основа за дополнително надградување на односите. Тој го поздрави напредокот и заложбите на Македонија на планот на НАТО и ЕУ посочувајќи дека парламентарната соработка ќе донесе дополнително заложување во односите меѓу државите. Посочи дека Република Хрватска има силен интерес за интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО и порача дека Македонија во Хрватска може да гледа искрен поддржувач и лобист.

Интерес на Хрватска и регионот, беше посочено, е Македонија да влезе во ЕУ и НАТО.

Јосип Леко изрази интерес и за динамизирање на соработката во културата и научната сфера.