Лабораторија за изучување странски јазици на Филолошкиот факултет-Скопје

Филолошкиот факултет „Блаже Конески“-Скопје доби лабораторија со опрема која на студентите од катедрите за странски јазици ќе им го олесни изучувањето на јазиците и вештините за нивно преведување и толкување.

Лабораториската опрема е сместена во четири училници на факултетот. Таа е дел од проектот што го спроведува Владата на РМ преку Министерството за образование и наука за набавка и опремување на околу 200 лаборатории за студентите и професорскиот кадар на државните универзитети.

- Во лабораторијата е инвестирано околу 350.000 евра, таа е меѓу најсовремените и во поширокиот регион. Со нејзиното користење студентите имаат исклучителна можност да го развиваат својот талент и знаење. Ваква лабораторија претходно немало и минатите генерации беа лишени од можност за ваков вид обука. Постои размислување самиот факултет да организира за претходните генерации дополнителна обука за и тие да ги почувствуваат предностите што ги дава оваа лабораторија, изјави премиерот Никола Груевски при посетата на Филолошкиот факултет заедно со ресорниот министер Спиро Ристовски.

Деканот на факултетот Славица Велева рече дека опремата е посебно корисна за студентите од насоката превод и толкување.

- Во досегашната практика ние ги учевме студентите теоретски како може да преведуваат и замислуваа ситуации во кабина како би изгледал еден симултан или консекутивен превод. Овојпат со донацијата добивме најсовремена опрема и софтвер кој е применлив во едукативниот дел, за обучување, но може да се примени, и веќе сме ја употребувале, на меѓународни собири, симпоизуми, каде што се покажа мошне практично и ефектно. Секој филолог што работи во оваа дејност би бил презадоволен и пресреќен со извонредни услови за работа. Од другите филолошки центри во регионот добивме комплименти дека со оваа лабораторија станавме лидери, рече Велева.

На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ има 24 студиски програми и 68 потпрограми, т.е. можност за комбинирање на различни јазици. Покрај светските и сите словенски јазици, на Филолошкиот факултет во Скопје има традиција и на изучување кинески јазик, се изучува и корејски, а од оваа година и јапонски јазик. Од овој факултет досега произлегле околу 14.500 дипломирани.