Камен-темелник на Технолошко-индустриската развојна зона „Струмица“

Со поставување камен-темелник денеска беше означен почетокот на изградба на инфраструктурата на Технолошко-индустриската развојна зона „Струмица“, една од досега основаните девет ТИРЗ ширум Македонија.

ТИРЗ „Струмица“ ќе има вкупна површина од 25 хектари и ќе се гради во катастарската општина Свидовица. Зоната е лоцирана на 50 километри од граничниот премин „Богородица“ кон Грција и на 23 километри од граничниот премин Ново Село кон Бугарија.

- За изградбата на комплетната инфраструктура во зоната планираме да инвестираме околу 300 милиони денари со кои ќе се изгради сообраќајница, водоводна инсталација, атмосферска и фекална канализација, електроенергетска мрежа, телекомуникациска инфраструктура, како и улично осветлување. Со тоа ТИРЗ „Струмица“ ќе стане функционална целина која со своите карактеристики ќе може да им посака добредојде на сите потенцијални инвеститори во овој регион, рече премиерот Никола Груевски по поставувањето на камен-темелникот.

Тој посочи дека местото на кое е лоцирана зоната на потенцијалните инвеститори ќе им овозможи добра комуникација со двете соседни земји, но и со меѓународниот пазар. Нагласи дека развојот на Македонија е комплексен процес исполнет со многу работа, ентузијазам, одговорност, инвентивност и исполнителност. Како Влада рече дека во изминатите години континуирано и напорно работат на сите полиња и во сите сегменти кои можат да донесат позитивни трендови и добри резултати во македонската економија.

- Да се отвори само едно ново работно место, една нова фабрика, да се намали само еден процент од нивото на невработеноста во земјата потребно е вклучување на многу органи на државната управа, но и вклучување и координација на повеќе чинители од различни сфери во општеството. Потребно е совесно и посветено да се изработат задачите за постигнување на зададените цели, истакна Груевски.

Рече дека една од областите во која Владата ја препознала можноста за отворање нови работни места и привлекување нови инвеститори е постојаното инвестирање во ТИРЗ-овите во државата. Истакна дека како резултат на нивните залагања наскоро странски инвеститор во Струмичко ќе отвори лабораторија за производство на семенски материјал за цвеќиња во која ќе се вработат од 250 до 300 луѓе и додаде дека очекува во наредните неколку години, кога зоната ќе биде готова, да дојдат значајни странски инвеститори.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески посочи дека поставувањето на камен-темелник на ТИРЗ „Струмица“ претставува реализација на уште едно ветување на Владата.

- Ова е голем проект кој ќе значи економско заживување за регионот на Струмица. ТИРЗ-от е дел од политиките на Владата на Република Македонија за нови инвестиции за отворање работни места. Само со отворање работни места може да се подобри животот на граѓаните, рече Ставрески.

Тој нагласи дека во буџетот за наредната година се обезбедени средства за изградба на ТИРЗ „Струмица“ и додаде дека Струмица како регион е еден од приоритетите на Владата за привлекување странски инвеститори.

Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо истакна дека изградбата на ТИРЗ „Струмица“ заедно со другите ТИРЗ-ови во Македонија претставува реализација на визијата на Владата за изградба на зони со целосно изградена и развиена инфраструктура кои ќе можат да ги понудат сите потребни услови и поволности за производителите.

- Во високотехнолошките преработувачки капатцитети во ТИРЗ „Скопје 1“, „Скопје 2“ и „Штип“ во текот на 2012 година инвестирани се 62 милиони евра. Оваа година само во постоечките капацитети ќе се реализираат вкупни инвестиции од над 70 милиони евра, рече Мизо.

Нагласи дека извозот од ТИРЗ-овите во 2012 година изнесувал над 20 отсто од вкупниот извоз во земјава, а годинава се очекува тој удел да се зголеми на над 25 отсто.

- Во 2012 година за потребите на компаниите лоцирани во зоните домашните компании доставиле стоки и услуги во вредност од околу 40 милиони евра. Досега во зоните се вработени 2.270 лица, а до крајот на годинава се очекува бројот на вработени да биде над 2.500, додаде Мизо.

ТИРЗ „Струмица“ со основната патна мрежа ќе биде поврзана со крстосница на ниво со која ќе се овозможи безбедно вклучување и исклучување кон регионалниот пат Куклиш - Банско - Ново Коњарево. Во зоната ќе има два влезни коловоза со широчина од 3,75 и два излезни коловоза со иста широчина, како и тротоари од двете страни на коловозите од по 2,5 метра.

Во Македонија вкупно е предвидено изградба на 14 ТИРЗ-ови и градбата на сите треба да започне најдоцна до март или април следната година. Во моментов во функција се зоните ТИРЗ „Скопје 1“, „Скопје 2“ и „Штип“, а во тек се градежните работи во ТИРЗ „Кичево“, „Гевгелија“ и „Прилеп“. За останатите зони во моментов се изработува техничката документација.

Премиерот Груевски, кој денеска е во посета на струмичкиот регион, претходно го пушти во употреба новоизградениот локален пат што ги поврзува Струмица и селото Попчево и околните села Рич и Белотино.