Прва седница на владиниот Комитет за здравје и животна средина

Информираме дека вчера, (петок, 20.09.2013 година) во Владата на Република Македонија се одржа првата седница на Комитетот за здравје и животна средина, кој го раководи премиерот Никола Груевски, а во чиј состав влегуваат повеќе членови на Владата, претставници од областа на здравјето, животната средина, како и претставници од други области.

Цели на Комитетот се континуирано унапредување на квалитетот на водата, воздухот и почвата и останатите јавно здравствени аспекти во насока на унапредување на амбиентот од значење за здравјето на населението, унапредување на стандардите за храната и унапредување на системот за норматива, регулатива и примена на современи светски искуства и стандарди во областа на екологијата.

Беше договорено да се изготви повеќегодишна Стратегија за здравје и животна средина, која ќе содржи опис на постоечките состојби, и акционен план и конкретни предлог оперативни заклучоци и мерки кои треба да се спроведат во иднина. Притоа, при изработката на Стратегијата беше договорено да се користат странските искуства и врвни добри пракси, како на пример експерти од ОН, Светска здравствена организација, но и експерти од повеќе земји, како и домашни експерти кои ќе бидат вклучени во истиот процес. Во однос на Стратегијата , се очекува до крајот на 2013-та година да се распише конкурс за изработка на истата, а се очекува Стратегијата да биде подготвена во април 2014-та година, за понатаму таа да служи како основа за работа на Комитетот и постапувањето на Владата во оваа област.

Беше заклучено да се пристапи и кон процес на обезбедување на дополнителна акредитација и сертификација на лаборатории кои вршат испитувања во областа и да се изврши обезбедување на дополнителен број на мерни станици и инструменти за контрола на квалитетот на воздухот, со цел обезбедување на сеопфатен систем на контрола и обезбедување на прецизни податоци на тековна основа согласно светските модерни искуства.

Беше заклучено Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да предложи мерки за унапредување на системот и нормативата за постапување, третирање, употреба и промет на пестициди и вештачки ѓубрива од страна на земјоделците и да предложи Акциски план за едукација на земјоделците во оваа сфера.

Со донесените останати заклучоци се предвидува водење на комплетна евиденција на употреба и работа со средства кои имаат значително влијание врз животната средина, координирана акција со општините за отстранување и регулација на нелегалните депонии, менаџирањето во врска со механизми за управувањето со видовите отпад (медицински, радиационен и сл.).

Истовремено, се дискутираше и за креирање на модалитети за подигањето на свеста на луѓето, преку различни механизми, за влијанието кое може да го има животната средина врз нивното здравје, а особено за подигање на свеста на сите општествени субјекти за преземањето на превентивни мерки за спречување на штетни состојби и доследно почитување на еколошките стандарди.