Пуштено во употреба повеќенаменско игралиште во село Мокриево

Премиерот Никола Груевски заедно со директорот на Агенцијата за млади и спорт Александар Пујовски денеска свечено го пушти во употреба повеќенаменското игралиште во ОУ „Глигор Прличев“ во село Мокриево, општина Ново Село, дел од владиниот проект за изградба на 100 повеќенаменски игралишта.

Игралиштето е изградено на површина од 1.100 метри квадратни и на него може да се игра мал фудбал, кошарка и ракомет. Тоа може да се користи и во вечерните часови бидејќи е оградено и осветлено.

- За изградба на ова игралиште инвестиравме седум милиони денари и сега кога е готово им го предаваме на Општина Ново Село и на сите граѓани на ова населено место, рече премиерот Никола Груевски во поздравното обраќање.

Тој посочи дека врвните достигнувања во спортот никогаш не доаѓаат случајно и оти се резултат на многу труд и макотрпна работа на спортистите, но и на долгогодишна спортска традиција и постојани вложувања и изградба на спортски терени.

- Проблем во минатото беше немањето на соодветни спортски реквизити и доволно спортски објекти, пред се во руралните подрачја како што е и село Мокриево. Знаејќи ја ваквата состојба, Владата во изминатиот период започна со повеќе капитални инвестиции во спортската инфраструктура низ земјата со цел што побрзо и што повеќе да надокнадиме од она што не било направено во минатото, рече Груевски.

Потсети дека во голема мерка веќе е реализиран проектот со изградба на 35 големи спортски сали и 50 фудбалски игралишта во Македонија. Во тек е реализацијата на проектот за изградба на 145 училишни спортски сали и на 100 тениски игралишта, а од април годинава, како што нагласи, започна и проектот за изградба на 100 повеќенаменски игралишта чиј дел е и денеска пуштеното игралиште.

- Проектот беше предвидено да се реализира во три последователни години, а за само пет месеци од неговото почнување воведени во градба се 41 игралиште, а од нив 15 се веќе изградени, истакна Груевски.

Тој посочи дека изградбата на игралиштето во село Мокриево започна непосредно пред локалните избори и додаде дека никој тогаш не веруваше дека ќе биде изградено.

- Некои мислеа дека игралиштето е само дел од кампањата за локалните избори како што прават нашите противници, но еве по само неколку месеци сме тука и го предаваме во употреба игралиштето. Народот веќе препозна дека проектите што ги најавуваме ние и со сигурност ги реализираме, додаде Груевски.

Премиерот Груевски денеска ја посети и бањата Банско каде престојуваат пензионери како дел од проектот на Владата за бесплатна бањско-климатска рекреација. Таму на лице место се запозна со условите во кои престојуваат и со проблемите со кои се соочуваат пензионерите и другите корисници на бањското лекувалиште.