Активности на министерот Никола Попоски на 68. заседание на Генералното собрание на ОН во Њујорк

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, на 25 септември 2013 година учествуваше на главните настани на почетокот на 68-то заседание на Генералното собрание на Обединетите нации, а оствари и билатерални средби со неколку свои колеги.

Министерот Попоски учествуваше на министерскиот состанок на тема: “Мирно решавање на спорови,” организиран од страна на Холандија. Тој целосно ја поддржа констатацијата на холандскиот министер Тимерманс, дека е коректно и многу значајно, за успешно надминување на спорови, меѓународната заедница да даде поддршка во спроведувањето на решенијата кои се понудени од Меѓународниот суд на правдата или постигнати преку медијација.

Во поглед на факторите кои влијаат врз успехот при мирно решавање на споровите беа разменети размислувања и со Заменикот генерален секретеар на Обединетите нации, Јан Елијасон, кој издвои дека:

1.      неопходен е барем минимимум интерес од страните да се реши спорот;

2.      речникот кој се користи е значаен;

3.      времето е исклучително важно;

4.      мора да се внимава на културата и чувствата; и дека

5.      личните односи и доверба се клучот на решението.

Министерот Попоски исто така учествуваше на специјалниот настан посветен на постигнување на Милениумските развојни цели до 2015-та. “Милениумските развојни цели претставуваат пресвртница во свесниот развој на човештвото,” изјави Министерот Попоски во своето обраќање. “Тие претставуваат еден од оние извонредни моменти во историјата во кои човештвото декларираше во еден глас: ‘Еве како сакаме да се движиме нанапред.’ – Повелбата на Обединетите нации е уште еден таков значаен момент, како впрочем и Универзалната декларација за човековите права.”

Министерот Попоски исто така учествуваше на настанот на високо ниво на тема “Виена+20: Достигнување на планот на човековите права, недостатоците и патот напред“ во организација на претседателот на Австрија, Фишер и високиот комесар за човекови права на ОН, Нави Пилај за одбележување на 20 годишнината од Светската конференција за човекови права. Притоа, тој се осврна на конкретните придобивки од Виенската декларација, формирањето на Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права, која има надлежност и обврска за заштита и промоција на човековите права, како и имплементација на меѓународните инструменти во државите. Во таа насока, Попоски ги посочи заложбите на Република Македонија за заштита  и унапредување на човековите права и ја истакна и кандидатурата на Република Македонија за членство во Советот за човекови права на Обединетите нации.

Во име на Република Македонија, министерот Попоски денеска го потпиша Договорот за трговија со оружје, а учествуваше и на настанот на високо ниво на тема “Договор за трговија со оружје: кон стапување на сила“ во организација на владите на Аргентина, Австралија, Костарика, Финска, Јапонија, Кенија и Велика Британија.

Пред учесниците на настанот, министерот Попоски истакна дека Република Македонија ќе продолжи активно да го поддржува стапувањето на сила на овој Договор, како и негова ефективна имплементација од страна на сите земји членки. Тој заклучи: “Договорот за трговија со оружје  суштествено ќе придонесе кон регионалниот и меѓународен мир, безбедност и стабилност. Ќе направи разлика во животите на нашите граѓани и ќе го поплочи патот кон уште поголеми успеси во процесот на разоружување.”

Министерот Попоски имаше средба и со комесарот за проширување на Европската комисија, Штефан Филе.  Средбата беше насочена кон три точки: (1) назначајните аспекти во следниот извештај за напредок на ЕК; (2) очекувањата за почетокот на преговорите со ЕУ и приоритетните реформи; (3) изгледите за напредок во процесот за надминување на наметнатиот билатерален спор со јужниот сосед во рамки на ОН.

На маргините на главните настани на Генералното собрание, министерот Попоски оствари и неколку билатерални средби, меѓу кои со министрите за надворешни работи на  Малезија и Казахстан, како и со државниот министер на ОАЕ, на кои беа разгледувани начини за продлабочување на економските и дипломатските врски помеѓу државите, како и можности за соработка и промотивни активности помеѓу бизнис заедниците и граѓаните. Министерот Попоски неформално разговараше за теми од регионален интерес и со повеќемина колеги од соседството.