Ристовски ги предаде во употреба новите простории на Универзитетот за информатички науки и технологии во Охрид

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска престојуваше во работна посета на Охрид, при што ги предаде во употреба новите простории на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“.

- Во оваа фаза е заокружен процесот на целосна изградба и адаптација на овие простории, што ќе овозможи спроведување на целокупните наставни и научни активности според современите светски стандарди, а истовремено ќе придонесе за развојот на едкукативниот процес во земјата, како и за перцепцијата на Охрид како еден од едукативните центри во Македонија, истакна Ристовски.

Станува збор за инвестиција во вредност од околу 50 милиони денари, издвоени од ресорното Министерство, реализирана во соработка со управата на Универзитетот.

Ристовски најави дека Владата ќе продолжи со инвестициите во делот на образовниот систем односно во надградувањето и проширувањето на можностите за образование во градот Охрид, а истовремено во квалитетот на образовниот процес на Универзитетот „Свети Апостол Павле“.

Toj појасни дека се работи на проект за проширување на капацитетите на Универзитетот, со опција за адаптирање и целосна пренамена на дел од старата касарна во Охрид, процес што би се одвивал во неколку фази.

Проректорот на Универзитетот „Свети Апостол Павле“ Иван Бимбиловски рече дека паралелно со новите програми, новите соработки, грантови, се обезбедуваат и нови простории за работата на високошколската установа.

- Новите простории ги задоволуваат сите светски стандарди за одвивање на научно-наставниот процес и претставуваат огромно проширување на нашите капацитети. Ние ќе се потрудиме тие во блиска иднина да станат претесни преку зголемување на обемот на нашите активности и привлекување на што поголем број студенти, истакна Бимбиловски.

На Универзитетот „Свети Апостол Павле“ годишно се запишуваат околу 200 студенти од кои голем дел се странски студенти од сите континенти, стипендирани од Владата на Република Македонија.