Во училиштата ќе бидат вработени 294 психолози и педагози
Во наредните две и пол години во основните и средните училишта во Република Македонија ќе се вработат нови 294 психолози и педагози.
Според одлуката на Владата, во првата фаза до крајот на 2013 ќе се вработат 70 психолози и педагози, до крајот на 2014 година 150 и до крајот на 2015 година уште 119.
- Крајната цел на ангажирањето на овој дополнителен кадровски потенцијал е да се обезбеди континуитет во целосната и непречена имплементација на Законот за основното образование и неговите измени, Законот за средно образование, советувањето на учениците и родителите, како и реализацијата на сите проекти согласно заклучоците и Програмата за работа на Владата на Република Македонија, а ефектот директно ќе го почувствуваат учениците, но и нивните родители. Ова е уште еден круцијален чекор со кој се потврдува сериозноста на заложбите за реформирање и обезбедување поквалитетен и поконкурентен македонски образовен систем, истакна на денешната прес-конференција министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Потребните средства за реализација на вработувањата изнeсуваат 104 милиони денари и ќе бидат предвидени во буџетот на МОН во следниве три години.
- Изборот на кандидадтите ќе биде транспарентен, односно ќе се врши по пат на јавни конкурси за вработување, коишто исто така етапно ќе бидат објавувани, а во нив ќе бидат назначени сите подетални информации за условите и критериумите за аплицирање и обезбедување на соодветниот работен ангажман, рече Ристовски.
Потребата од дополнителни вработувања на психолози и педагози, како стручен кадар којшто треб да придонесе за зајакнување на воспитната компонента во училиштата, односно за унапредување на квалитетот на воспитнообразовниот процес во образованието произлегла од анализата на стручниот и кадровски потенцијал со кои располагаат средните и основните училишта која МОН ја направило во изминатиот период.