Дебата: Спорот за името - проблем и дилема за македонската дипломатија

Прашањето за името како нерационален проблем ја одбележа надворешната политика на Република Македонија во годините од нејзината самостојност и стои на патот на нејзните стартешки цели-членство во ЕУ и НАТО, беше посочено во воведните излагања на денешната тркалезната маса „Надворешна политика и аспекти на меѓународна дипломатија: македонската дипломатија во третата деценија од независноста“, организирана од германската фондација „Конрад Аденауер“ и Институтот за демократија.

Шефот на дипломатијата Никола Попоски, осврнувајќи се на проблемот со Грција, истакна дека моменталната грчка политичка сцена има еден приоритет кога е во прашање спорот за името, а тоа е да нема придвижување поради внатрешно-политички причини. 

- Владата во Атина презентира слика на дијалог и креира перцепција дека решението само што не се случило. Реалноста е дека има еден актер кој има интерес ова да го реши, тоа е Република Македонија, рече Попоски.

Проблемите со кои е соочена Македонија, ја дефокусира од она што е целта на нормалната дипломатија. Македонската надворешна политика, според него, во наредниот период треба да се прилагоди на промените кои следуваат - мултиполарноста на глобален план и потребата од поголема регионална поврзаност и конзистентност на долг рок. 

- Треба да ја надминеме бариерата дека ако сте мала држава на Балканот каде што многу од соседите ве гледаат како плен повеќе отколку како партнер, мора да покажете истрајност, мора да покажете дека имате капацитет на долг рок да бидете конзистентен и мора да сте активен во нормални работи. Што подразбирам под нормални работи? Сосема е нормално за една земја да работи на бизнис промоција, да се обиде да го подобри стандардот во државата, да привлече странски инвестиции, да го промовира туризмот. Ние сме безбедна, доста пријателски настроена земја во која секој оној кој што ја посетил е убеден дека имаме многу што да понудиме и да знаат дека таа понуда оди и надвор од спорот со името кој го имаме со нашиот јужен сосед. РМ е добра дестинација од сите овие аспекти, рече Попоски.

Поранешниот шеф на дипломатијата и професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Денко Малески смета дека она што и треба на Македонија можеби е нова надворешна политика, која ќе биде производ на усогласување на главните политички партии кои низ дебата и демократски дијалог треба да го дефинираат државниот интерес.

- Откажувајќи се од правото сама да го формулира државниот и националниот интерес, владеjачката партија ќе ја направи таа нужна дистанца меѓу сопствените погледи и ставот на државата. Ваквата стратегија може да ја извлече Македонија од ќорсокак, но едновремено и партијата на власт. Проблемот е што надворешните проблеми сега жестоко ќе фатат да се прекршуваат врз домашни теми и почнеме да се делиме. Албанците веќе летаат по светот, се обидуваат една работа да кажат, опозицијата зборува друга работа, најлошо нешто за една држава, вели Малески.

Тој појаснува дека проблемот со спорот за името, за кој вели, ако воопшто може да се реши, бара заеднички напор и мора да има консензус. Македонскиот синдром на самоуништување, појансува Малески, нема врска со ништо друго туку со отсуство на демократска свест, дека не знаеме како политички опоненти да се почитуваме, да разговараме за заеднички теми и да доаѓаме за заеднички политики па и за надворешната политика.

Според поранешниот министер за надворешни работи и актуелен партеник Антонио Милошоски, спорот за името во сите периоди од развојот на надворешната политика на самостојна Македонија е клучен и непродуктивен фактор во надворешнополитички цели. Земајќи ја предвид одлуката на Меѓународниот суд на правдата во корист на Македонија, и актуелната состојба со спорот во кој исходот не е на повидок тој оценува дека една од опциите за надминување на статус квото е замрзнување на преговорите.

- Ние треба да излеземе од ова статус кво и да ги замрзнеме преговорите со соседна Грција до моментот кога тие официјално ќе се произнесат за прифаќањето или одбивањето на пресудатата на Меѓународниот суд во Хаг и нејзината примена...Тоа може да биде злоупотребено од другата страна и да се каже дека Македонија е неконструктивна држава и не сака да разговара за името. Другата дилема е дека ако ги замрзнеме преговорите за името до примената на пресудата од Хаг тогаш тоа значи дека ние може да ги замрзнеме и нашите перспкетиви за ЕУ и НАТО. Но, контрапрашањето е нели се тие перспективи и во моментов замрзнати, вели Милошоски.

Ова решение е можна алтернатива, вели, во услови кога во Грција на власт е дел од старата елита, „последните диносауруси од 1991 година“ премиерот Андонис Самарас и министерот за надворешни работи Евангелос Венизелос од кои не очекува да бидат прагматични да најдат начин, интерес или приоритет да го решат ова прашање оти грчката дипломатија секогаш била мајстор за изнаоѓање изговори.

Тркалезната маса продолжува со дискусија на темата од страна на експерти од областа на надворешната политика и дипломатијата.