Меѓународно признати квалификации на сметководители од јавниот сектор

Сметководители во јавниот сектор денеска добија сертификати за финансиски менаџмент со што се стекнаа со меѓународно призната професионална квалификација.  Тие поминаа обука  и полагаа испити  преку програмата за таа намена што ја спроведува Министерството за финансии  во соработка со љубљанскиот Центар за развој на финансиите (ЦЕФ) и лондонскиот овластен Институт за јавни финансии и сметководство (ЦИПФА).

Сертификатите ги доделија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и Алчександра Текиашким, програмски менаџер на Центарот за развој на финансии.

Според Ставрески,  преку обуките се подобруваат знаењата на вработените и ефикасноста во функционирањето на системот.  Управувањето со јавните финансии, укажа,  е секогаш значајно, а особено во услови на економска криза кога треба да се знае за што е потрошен секој денар и на каков начин.

- Во тој контекст постојаното зголемување на квалитетот на јавната администрација во сите сегменти особено во делот  на сметководството е значајно за Македонија поради процесот на интегрирање во ЕУ и достигнување  стандарди во управувањето со јавните финансии, како и ефикасно  користење на јавните средства и отчет за нивното користење, рече Ставрески.

Претставничката на ЦЕФ Текиашким им порача на сметководителите дека нивната професија  игра значајна улога во подобрување на системот на управување  со јавните финансии и оти ги поставува добрите практики во сметководството  во јавниот сектор, придонесувајќи во борбата против корупцијата и непотребните  трошоци.

Преку програмата за обука за сертифицирање на сметководители во јавниот сектор  се поддржува унапредувањата на сметководствениот систем и стандардите во јавниот сектор во земјите од Југоисточна Европа.  Обуките  во Македонија ќе продолжат и во следниот период со поддршка на Светската банка и Централноевропската иницијатива.