Почнува втората фаза од проектот за изградба на булеварот во Прилеп

Вицепремиерот и министерот за финансии Зоран Ставрески и градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески го потпишаа Договорот со кој градот ќе користи 800.000 евра од Светска банка за доизградба на модерен, современ булевар на влезот во градот од Плетвар.

Како што изјави Ставрески, ова е втора фаза од капиталниот проект и треба да се реализира до април 2014 година, а условите во Договорот се многу поволни.

- Прилеп добива нови 40 милиони денари под поволни услови благодарение на тоа што општината брзо и квалитетно ја изработи проектната документација која е одобрена од централата на Банката во Вашингтон, рече Ставревски.

Во втората фаза ќе се градат нови 1,1 километар, од бензинската пумпа на „Макпетрол“ до раскрсницата кај некогашната конфекција Солидност.

- Владата и општината соработуваат и тоа ќе продолжи на повеќе проекти. Се градат и обновуваат училишта, неодамна беше пуштен во употреба патот до Трескавец, а сега ќе почне нов проект со пари од ИПА фондовите – пречистителна станица за отпадните води, информира министерот и најави уште еден голем проект, пречистителна станица и канализациска мрежа во должина од 78 километри за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

За градоначалникот Ристески, изградбата на булеварот е многу значајна за Прилеп. - Не само што влезот ќе добие нов есетески изглед, туку ќе се подобри и безбедноста во сообраќајот, рече Ристески.

Пред еден месец беше пуштен во употреба првиот дел во должина од 800 метри за што Прилеп од Светска банка доби 500.000 евра.

Министерот за финансии Ставревски, директорите на УЈП и на Царинската управа, Горан Трајковски и Ванчо Каргов, присуствува на состанокот на Локалниот економски совет заедно со прилепските бизнисмени.

- Средбата е со цел да ги запознаеме бизнисмените со економските состојби, но и со предлог буџетот за 2014 година. Ќе ги запознаеме со активностите на Владата, даночните политики, но и ќе слушнме оценки и предлози за владините реформски активности планирани за следниот период, законот за финансиска дисциплина, мерките за ликвидноста на стопанството и за подобрување на состојбата на малите и средни фирми, изјави Ставревски.