Линкевичиус и Корлацеан: Постигнат е напредок, реформите да продолжат

Македонија постигна значаен напредок во реформите и во спроведувањето на сите обврски, вклучувајќи го и дијалогот на високо ниво за пристапување, оценија министерот за надворешни работи на Литванија и претседавач на Советот на ЕУ Линас Линкевичиус и шефот на дипломатијата на Романија и претседавач со Процесот за соработка во ЈИЕ Титус Корлацеан, по средбата со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.

Линкевичиус и Корлацеан порачаа да продолжат конструктивните чекори во насока на независноста на судството, слободата на медиумите, подобрувањето на владеењето на правото.

- Ги поздравуваме напорите кои се одвиваат на три нивоа, спроведување на реформите, унапредување на добрососедските односи и постигнување решение за прашањето за името. Убедени сме дека вашата земја има капацитет да ги постигне сите услови и криетриуми за зачленување во ЕУ.  Уште ендаш би ги истакнал нашата подготвеност и поддршката да ги постигнете овие цели,  рече Корлацеан.

Тој ги повтори заложбите за продолжување на процесот на ЕУ проширувањето врз основа на, како што рече, заслугите и исполнувањето на критериумите за членство.

Линкевичиус, осврнувајќи се на напредокот што го постигна Македонија, како важни чекори ги оцени договорот од први март и работата на Комисијата за настаните од 24 декември.

Литванскиот министер посочи дека е битно и прашањето за слобода на медиумите како дел од секое демократско општество.

- Знам дека сте на добар пат, се надевам ќе продолжите во тој правец. Искористете ги сите средства, порача Линкевичиус.

Заедничка ќе биде заложбата, додаде, целиот Балкан да биде дел од европското семејство.

- Тоа не е лесно, никој не може за вас да ги подобри работите во регионот. Важно е да одите во вистински правец. Многу е важно да бидеме трпеливи, но истовремено и да се движиме напред, тоа е мојата препорака, рече Линкевичиус.

Според министерот Попоски, најпосакувано сценарио за Македонија е во рамки на литванското претседателство со ЕУ да се донесе одлука за почнување на пристапните преговори, а да ја имаме честа, во рамки на грчкото претседателство да се одржи првата меѓувладина конференција.

Искуствено, додаде, најтешко е да се добие поддршката од најблиските. - Во овој случај, мислам дека најмногу ќе треба да се посветиме на добивањето поддршка од нашиот јужен сосед што досега ја немавме, нагласи Попоски.

Тој очекува во претстојниот Извештај на ЕК за напредокот да бидат вреднувани спроведените реформи во  сите сфери, праводсудтвсото, работата во Парламентот, администрацијата, медиумите, економијата,..., како и напорите за интензивирање на соработката со соседите. 

- Ќе биде значајно да се нотира и конструктивниот пристап на Македонија кон надминувањето на наметнатиот спор со Грција кој неколку години е пречка за почеток на преговорите, односно е причина поради која недостасува консензус во рамки на Советот, потенцира шефот на македонската дипломатија.

Тројцата министри на средбата особено ја нагласиле потребата од јакнење на регионалната соработка.

- Не би сакале да креираме острови или архипелази во Јогитсочна Европа, туку би салае да ги обединиме околу заедничката перспектива за реализација на европскиот мировен план. Односот на ЕУ кон регионот зависи многу од тоа како ќе се однесуваат сите оние во регинот, независно дали се членки на ЕУ или се на пат да станат, рече Попоски.

Станало збор и за билатерална соработка во насока на подобрување на македонските перформанси за исполнување на стандардите за членство во ЕУ.

Линкевичиус и Корлацеан утре ќе се сретнат со претседателот Ѓорге Иванов и со премиерот Никола Груевски.

Предвидена е и заедничка средба во Собранието на Република Македонија со претседателите на Националниот совет за европска интеграција, Комисијата за европски прашања, Комисијата за надворешни работи и Делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет со Европската унија.