Министерство за здравство: Специјализациите се доделуваат согласно потребите на ЈЗУ

Државните специјализации се наменети за доктори кои се вработени во јавните здравствени установи, кои воедно планираат и својата иднина ја гледаат во јавното здравство. Одливот на кадар што се случи во Република Македонија за образован кадар на државен трошок, а сега работи за приватните институции, повторно не смее да се дозволи.

Тоа го  нагласува Министерството за здравство денеска преку соопштение  по одредени медиумски реакции за специјализацијата на докторите во јавните здравствени установи и постапката и начинот на нивно добивање. Укажува на гаранцијата предвидена со Законот за здравствена заштита и потенцира дека при преземање на сите овие чекори единствено во фокусот е здравјето на граѓаните и стабилноста на јавно-здравствениот систем.

Министерството за здравство во соопштението наведува дека како и секој друг претприемач инвестира во човечкиот капитал, односно во докторите на медицина и во нивната континуирана надградба, под услов дека определено време по завршувањето на специјализацијата ќе продолжат да работат во јавното здравство.

- Согласно одредбите на Законот за здравствена заштита, како форма на обезбедување, препорачуваме единствено меница без жиранти. Ваквата меница чини приближно 500 денари и не претставува никаков посебен трошок во моментот на потпишување на договорот.  Исто така, во моментот на потпишување на меницата не е потребно да се обезбеди движен или недвижен имот во висина на десеткратен износ на цената на специјализацијата. Одлучно препорачуваме да не се бара депозит или хипотека како обезбедување, ниту пак, меница во форма на нотарски акт, бидејќи овие инструменти за обезбедување носат дополнителен трошок за докторите, соопштува Министерството и додава дека такво обезбедување не треба да бара ниту една јавна здравствена установа.

Според Министерството за здравство, на тој начин се обезбедува соодветна финансиска заштита за државата, односно се гарантира дека  македонските граѓани во иднина ќе можат да добијат високостручна медицинска услуга во јавните здравствени установи. Сите други барања за гаранции и други форми на обезбедувања се предмет на недоразбирање, се вели во соопштението. 
 
Министерството за здравство потсетува дека по 20 години се доделени огромен број државни специјализации за вработените во јавното здравство. Со тоа, посочува, Министерството за здравство сериозно се грижи за одржливоста на системот и континуитетот на кадарот. Затоа, во 2012 година доделивме 486 специјализаци, во 2013 доделуваме над 340 специјализации и 37 субспецијализации, а продолжуваме и понатаму согласно петгодишната програма за специјализации којашто одамна е објавена.
 
- Имајќи предвид дека во изминативе две години се реализираа над 600 нови вработувања, станува јасна и недвосмислена заложбата на Министерството. Исто така, специјализациите се доделуваат согласно потребите на јавната здравствена установа, а не по желбите на поединците. Министерството за здравство, заедно со менаџерите на јавните здравствени установи имаат направено сериозни согледувања на овој проблем и при доделувањето на специјализациите се гледа прво и единствено на одржливоста и потребите на установата, кои се димензионираат по потребите на населението за чие подрачје е основана. Главна определба за градење „пациент-центричен“ здравствен систем е планското пристапување кон прашањето за специјализациите во јавното здравство, кое претставува еден од клучните елементи, наведува во соопштението Министерството за здравство.