Груевски: Нововработените лица се избрани со директно компјутерско рангирање, а не по лотариски систем

Премиерот Никола Груевски прецизира дека 1.600-те лица од социјално ранливи категории кои ќе бидат вработени во државните институции и органи согласно огласот за вработување лица од социјално ранливи категории објавен од ЈП „Македонски шуми“ се избрани со директното компјутерско рангирање, а не по систем на лотарија како што тврдат некои од медиумите.

- Не станува збор за лотариски систем или систем на среќа, туку за софтверско креирање на  ранг листа согласно утврдени критериуми и внесени податоци, а податоците се земени од самите лица коишто конкурирале, истакна премиерот Груевски, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој посочи дека согласно Законот предвидена е второстепена постапка, односно можност за жалба за секој што конкурирал и не е задоволен што не бил примен на огласот. 

- Секој кој што има основани аргументи дека одредено право му било одземено или бил прекршен законот може да поднесе жалба и тоа да се разгледа. Не сакам ништо да прејудицирам однапред бидејќи имаме систем, имаме државни институции коишто сите жалби навремено и во рок утврден со Закон ќе си ги прегледаат и ќе си дадат свое мислење, нагласи Груевски.

Изборот на нововработените во „ЈП Македонски шуми“ е направен од над 20.000 пријавени лица. Избраните ќе бидат првично вработени во ЈП Македонски Шуми, потоа дел од нив ќе останат на работа во ова јавно претпријатие, а другите ќе бидат преземени во други институции. Имињата на избраните се читаа во рамки на отворената програма, а можат да се видат и на веб страницата на Македонски шуми.