Груевски се сретна со Линкевичиус и со Корлацеан

Претседателот на Владата нa Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (понеделник, 07 октомври 2013 година),  оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Литванија и претседавач со Советот на ЕУ, г-дин Линас Линкевичиус, како и со министерот за надворешни работи на Романија и претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, г-дин Титус Корлацеан.

Соговорниците на средбата се осврнаа на теми од областа на европските и евроатлански интеграции на Република Македонија и економскиот развој на државата и регионот.

Премиерот Груевски истакна дека стратешка определба на државата е членството во Европската Унија и во НАТО при што се заблагодари на принципиелната поддршка која Литванија и Романија ја даваат на македонските европски и евроатлански интеграции.

Премиерот Груевски посочи дека Република Македонија досега доби четири позитивни извештаи за напредокот од Европската Комисија и четири пати доби препорака за определување на датум за почеток на пристапни преговори за членство во Европската Унија.Тој додаде дека Република Македонија успешно го спроведе и Претпристапниот дијалог на високо ниво помеѓу РМ и ЕУ, за што сведочи и последниот извештај на ЕК за текот на дијалогот и позитивните констатации за напредок за точките кои беа предмет на процесот. Токму ваквите резултати, како и силната посветеност се аргументи за донесување на позитивна одлука од страна на Советот на ЕУ за започнување на пристапни преговори со Македонија, истакна премиерот Груевски.

Премиерот Груевски истакна дека единственото отворено  прашање кое ги попречува интеграциите, е спорот за името со Грција нешто на кое Република Македонија настапува со свои иницијативи во рамките на разговорите кои се одвиваат под покровителството на Организацијата на Обединетите нации.

Премиерот Груевски порача дека е исправно и рационално овие постигнувања и реформи да бидат вреднувани и почитувани од страна на Европската Унија.

Премиерот Груевски соговорниците ги запозна и со реформите кои се спроведуваат а  чија цел е постигнување на економски раст и развој и унапредување на стандардот на граѓаните, особено во насока на менаџирање на последиците од негативните економски текови во Европа.

Министрите за надворешни работи на Република Литванија и Република Романија го изразија своето задоволство од посетата и гостопримството во Република Македонија како и можноста непосредно да се запознаат со реформите и процесот на евроатланските интеграции на Република Македонија.

Министерот за надворешни работи на Република Литванија и Претседавач со Советот на ЕУ, г-дин Линас Линкевичиус  ја истакна својата поддршка на интеграциските процеси на Република Македонија изразувајќи надеж дека напорите и реформите кои државата ги превзема ќе бидат соодветно вреднувани и почитувани. Тој изрази волја за промоција на особеностите на државата и подготвеност за негов личен придонес во областите кои се од интерес на Република Македонија

Министерот за надворешни работи на Романија и претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, г-дин Титус Корлацеан изрази надеж за поинтензивна соработка на земјите во Југоисточна Европа гледајќи на Македонија како партнер чија активност е неопходна за стабилноста и развојот на регионот.

Соговорниците се согласија дека добрите политички односи кои постојат помеѓу државите треба да се интензивираат и развиваат на секое ниво, преку промоција на зaeдничките сфери на интерес кои ќе донесат напредок на взаемните односи меѓу државите.