Сарачини на работен појадок со амбасадорите на соседните земји

Засилена соработка во регионот беше тема на разговор на денешниот работен појадок на министерот за економија Ваљон Сарачини со амбасадорите на соседните земји Србија, Косово, Албанија, Грција и Бугарија.

Министерот Сарачини, како што информираат од неговиот Кабинет, укажа на неопходноста од почитување на принципите во рамки на ЦЕФТА и ја актуелизираше можноста и потребата од регионално економско здружување во настапите на трети пазари. Повика и на заедничко дејствување во правец на реализација на регионални проекти во енергетиката, сообраќајот, туризмот, прекуграничната соработка, царината, борбата против економскиот криминал и корупцијата.

- Искористувањето на сите расположливи можности за соработка во рамки на ЦЕФТА треба да е наш приоритет, но и да работиме во насока на изнаоѓање на сите можни начини за намалување на трошоците, олеснување и забрзување на меѓусебната соработка. Неопходно е и создавање регионални брендови и балканска берза, зголемување на квалитетот и конкурентноста на сопствените производи во трговијата со трети земји, формирање фонд за економска помош на земјите што се соочуваат со финансиски проблеми,..., рече Сарачини. 

Тоа, нагласи, би бил начин за соочување со последиците од актуелната и со  заканите од евентуална идна економска криза, но и за поефикасен и покус пат за зачленување во ЕУ.

Дел од темите на кои беше разговарано на работниот појадок беа во насока на засилување на меѓусебната соработка на планот на туризмот и поттикнување на туристичката размена меѓу одделните земји, со акцент на создавање заедничка туристичка понуда, како и поголема заедничка промоција на регионот како дестинација на трети пазари. Стана збор и за  интензивирање на реализацијата на прекугранични проекти за заедничко користење на ИПА фондови за прекугранична соработка, на инвестициските активности меѓу одделните земји и на меѓукоморската соработка на соседните земји, како и за надминување на повремените проблеми во трговските односи меѓу одделните земји.

Амбасадорот на Република Косово, Илбер Хиса, нагласи дека е потребен постојан диjалог меѓу Македонија и Косово за да се избегнат сите проблеми и пречки кои можат да се појават во трговските односи.

- Преку граничниот премин Блаце годишно во Македонија влегуваат 1,1 милион граѓани на Косово. Ние сме најголеми увозници на македонски производи, а 30 милиони евра годишно граѓаните од Косово трошат само за здравствени услуги во Македонија. Многу косовски семејства имаат роднини во Македонија. Воедно Косово е најзначаен пазар за Македонија, изјави Хиса.

Шефот на Канцеларијата за врски на Грција, Теоксарис Лалакос, рече дека неговата земја е еден од најголемите инвеститори во Македонија.

- Грција е еден од вашите најзначајни економски партнери. Многу грчки компании се наоѓаат во вашата земја. Ние сме еден од најголемите инвеститори овде. Убедени сме дека економската соработка многу ќе се продлабочи по решавањето на проблемот со името, изјави Лалакос.

Диплoматските претставници на соседните земји се согласија дека продлабочувањето на регионалната економска соработка треба да биде приоритет за сите, особено во делот на заеднички настап на трети пазари, за чија цел е договорено од следниот месец да се организираат мешовити комитети со по две земји месечно, како и активности за привлекување на регионални инвестиции, за што во план е формирање на експертски тим кој ќе работи на привлекување на инвестиции во регионот од инвестициските фондови. 

Што се однесува до барањата на компаниите од земјите во регионот, кои инвестирале во Македонија, договорено е своите барања да ги упатат преку своите амбасади до Министерството за економија, за да може навремено да се реагира во насока на изнаоѓање на заедничко прифатливо решение.