Мерката предложена од Заев е необмислена, неаргументирана и неодржлива

Прес-конференција на заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, г-дин Владимир Пешевски

Почитувани,

Дозволете да се произнесеме за предлогот кој претседателот на СДСМ Заев го даде денеска на прес-конференција и веднаш да го истакнеме впечатокот за тој предлог на Заев во три збора, а тоа е Прво па утка.

Очигледно под притисок на јавноста СДСМ излезе со предлагање на мерка која по којзнае кој пат е необмислена, паушална, неаргументирана, нерационална, неодржлива и очигледно направена без анализа и проценка. 

Пред да ја објаснам поентата на нашиот одговор со која што ќе докажеме дека оваа мерка предложена од Заев е тотално промашување да потсетам дека оваа Влада изврши намалување на даноците, на персоналниот данок од доход и на данокот на добивка на 10 проценти, а тоа беа даноци кои што претходно СДСМ ги имаше зголемено, и оваа Влада изврши и намалување на стапките на ДДВ кои СДСМ ги зголеми, односно Владата ги префрли голем број на стоки кои се оданочуваа со ДДВ од групата која се оданочува со поголема стапка во групата која се оданочува со пониска стапка.

А сега со факти и аргументи, за мерката која ја предложи Заев и која е нелогична и паушална.

Прво, дури 60 проценти од приходите кои се собираат по основ на ДДВ доаѓаат од субјектите се големи компании (железарници, фабрики, рудници итн.) и како такви тие немаат никаков, ама баш никаков контакт со граѓанинот како краен потрошувач, што значи дека 60% од приходите кои се собираат по основ на ДДВ од старт се исклучуваат од оваа мерка која што ја предложи Заев што ја прави мерката тотално нефункционална и без никаков бенефит за граѓаните.

Второ, над 90% од субјектите со кои што граѓанинот е во однос на краен потрошувач (колонијали, фризерски салони, кафулиња, авто перални, козметички салони, трафики, и останата малопродажба), не се обврзници по основ на ДДВ, и затоа повторно се докажува дека оваа предложена мерка од Заев не само што е погрешна, не само што не е базирана на анализа туку е тотално неприменлива. Во 90% од случаите Заев предлага на граѓаните да им се врши поврат на ДДВ од НИШТО, затоа што 90% од субјектите кај кои граѓаните се краен потрошувач не се ДДВ обврзници. СДСМ не разликува и погрешно толкува дека секоја фискална сметка во себе содржи ДДВ, тоа е основно непознавање.

Трето, токму заради овие причини со ова не само што нема да има повеќе приходи во буџетот, како што неосновано истакна Заев, туку во буџетот ќе има големи загуби. И хипотетички ако се спроведе оваа мерка на Заев не само што граѓаните нема да добијат средства по основ на оваа мерка туку ќе нема средства ниту за пензионерите, ниту за социјалната помош, ниту за платите, ниту за болници, за училишта, за војската, за полицијата, и за други суштински потреби и затоа оваа мерка за нас е неприфатлива.

Со оваа мерка предложена од Заев ем буџетот ќе се испразни, ем граѓаните нема да земат ниту денар. Тоа ќе е епилогот од овој негов предлог.

Поради сите овие факти, аргументи, докази и конкретни анализи со кои што докажавме дека мерката на Заев е тотално неиздржлива се гледа дека оној кој што го пишувал ова нема никакво искуство со економијата, со буџетот, а оној кој што го презентирал ова не може да води држава. Ова е крајно несериозна работа, и покажува по којзнае кој пат дека Зоран Заев нема капацитет да се справува со крупни државни политики, со предизвици и со сериозни анализи и сериозни предлози.