Дипломи за првите магистри од подружницата на Универзитетот „Охајо“ во Македонија

Првата генерација 11 магистри за бизнис-администрација (МБА) на подружницата на Универзитетот „Франклин“ од Охајо во Македонија, денеска ги примија дипломите.  

Познатиот американски универзитет, кој постои од 1902 година, од 2010 година има одобрение за високообразовна дејност во Македонија, а првите постдипломци беа запишани во 2011/2012. До звањето магистер по бизнис-администрација стигнаа по 22-месечна настава.

Програмата МБА има 10 предмети кои тие ги изучуваа онлајн и преку класични предавања во простории на Економскиот факултет во Прилеп. Наставата се реализираше  на англиски јазик од реномирани професори од тој американски универзитет. 

На свеченото врачување на дипломите во Владата на РМ, министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека дипломата не е само лист хартија, туку документ што ја потврдува конкурентноста на нивното знаење со знаењето на колегите од САД или од подружници на овој универзитет во други земји.

- Нашите универзитети нудат современи студиски програми кои се во тренд со новото време. Но ние даваме и можност за проширување на видиците  на македонските студенти. Со  отворањето подружници на странските универзитети, на студентите им се дава поголем избор каде да го продолжат своето школување. Оние кои трагаат по знаења на светските универзитети, наместо привремено да престојуваат во надворешни средини,  имаат можност да учат по  нивните програми речиси од дома, рече Ристовски.

Петмина од 11-те магистри за постдипломските студии беа целосно стипендирани од   МОН, а за останатите - една четвртина од школарината ја обезбедија универзитетите „Франклин“ и „Св. Климент Охридски“-Битола. Конкурсот за втората генерација постдипломци за МБА заврши и се очекува во ноември кандидатите да почнат со настава.

Директорот на МБА-студиите на подружницата на универзитетот „Франклин“  во Македонија, Никола Димески, им порача на магистрите стекнатото знаењето, вештини, креативност и енергија да ги стават во функција на општеството.

- На нашата држава и се потребни високообразовани млади луѓе, подготвени не само со знаење, туку со капацитет да пронајдат нови знаења со цел да можат брзо да реагираат на неочекуваните промени, потреби, кризи, едноставно – да реагираат на секојдневниот живот. Престижните МБА студии на „Франклин“ универзитетот го овозможуваат токму тоа, рече Димески. 

Честитајќи им на првата генерација магистри, претставникот на Универзитетот „Франклин“, проф. д-р Кристофер Вашингтон, рече дека тие биле исклучителна група кои ревносно  им се посветиле на студиите.

- Нашиот современ свет има потреба од компетентни бизнис-лидери, кои се способни да се соочат со промените, да поставуваат прашања и да предизвикуваат размислувања... Оваа група не се денеска тука случајно, тие работеа според ригорозен курикулум и под исклучителни, уникатни услови. Голем дел од нив беа работно ангажирани, а дел од нив се и семејни луѓе. Како институција која спроведува вакви студии во многу делови на светот, ве уверувам дека ова е една исклучителна група, рече Вашингтон.

Ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Златко Жоглев истакна дека е горд што со поддршка на Владата Битолскиот е прв универзитет кој го донесе „Франклин“ во Европа, кој сега има подружници и во други европски земји.

Дел од магистрите ги искажаа своите впечатоци од студирањето, за некои во сеќавање ќе остане и посетата на „Франклин“ во Охајо, а порачаа и дека и стојат на располагање на државата.

- Од овој момент па натаму, сите ние сме подготвени да ја понудиме сета наша експертиза и знаење во каков било проект на Владата на РМ, па и пошироко, рече Златко Симјановски, еден од 11-мина магистри на МБА програмата од подружницата на Универзитетот „Франклин“ во Македонија.