Промовирана нова медицинска опрема во ГОБ „8 Септември“

Нова најсофистицирана опрема вредна околу 800.000 евра, која веќе е во функција, денеска е промовирана во Градската општа болница „8 Септември“. На промоцијата присуствуваа премиерот Никола Груевски и на министерот за здравство Никола Тодоров.

- Се работи за седум значајни нови апарати, дел од нив се апарати за правење на различни интервенции како што се гастроскопија, колоноскопија, бронхоскопија, апарати за правење различни испитувања на мозокот, крвните садови, мускулите и нервите. Има и некои други апарати. Се работи за најсофистицирани апарати, дел од нив ги нема во регионот или најблиску ги има во Љубљана или во Виена, изјави Груевски.

Тоа, посочи премиерот, е една додадена вредност на оваа болница и воопшто додадена вредност на нашата држава затоа што многу луѓе ќе бидат третирани соодветно и ќе им биде помогнато за навремено дијагностицирање и побрзо заздравување.

- Се работи за дел од големиот проект на Владата за набавка на голема количина на најсофистицирана медицинска опрема за македонските болници и клиники вредна околу 100 милиони евра. Овие 800.000 евра се дел од таа опрема. Досега исто така во оваа болница беше извршена набавка на голем број апарати. ГОБ „8 Септември“ стана една од најопремените болници во Македонија. Таа веќе во значајна мерка може да го замени функционирањето на различни делови на Клиничкиот центар затоа што во многу сегменти веќе е опремена како и самите клиники, истакна Груевски.

Тој нагласи дека ќе продолжат со опремувањето, но и со обуките на лекарите, еден од нивните најзначајни и најприоритетни проекти бидејќи, како што рече, колку што е важно да се има апарат, исто толку е важно веројатно и поважно да има добро обучен лекар со сите можни обуки кои во моментот може да се добијат и сите добри методи кои се користат низ светот.

- Една ваква комбинација од набавка на најсовремена опрема од една страна и од друга страна сериозни обуки на лекарите во најпрестижните медицински центри низ светот, како и проектот од 100 милиони евра за реконструкција на болниците и градба на нови е еден рецепт кој навистина помага сериозно да се придвижи македонското здравство. Се надевам дека по пет шест години од сега со сите извршени обуки кои во меѓувреме ќе се случат и сите инсталирани опреми и апарати Македонија ќе биде држава која веројатно ќе предначи во Југоисточна Европа во делот на медицината и во делот на здравствените услуги, рече премиерот Никола Груевски.