Груевски: Странски консултанти ќе им помагаат на домашните компании

Зајакнување на квалитетот на производот, зголемување на извозот и отворање нови работи места е целта на проектот преку кој ќе се обезбедат странски експерти што ќе им понудат стручна помош на нашите компании.

Премиерот Никола Груевски информира дека се обезбедени контакти и соработка со консултанти од Холандија и од Германија, а во тек се преговори за обезбедување на експерти и од Америка.

- Се работи за многу квалитетни лица кои имаат огромно искуство, кои целиот живот го поминале на високи позиции во тој бизнис, има што да кажат и како да помогнат во делот на подобрување на квалитетот на производството и на производот, изнаоѓање нови пазари, системско подобрување на производниот процес, маркентишкиот и други делови зависно од потребите на нашите компании, рече Груевски одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на нова опрема во Градска општа болница „8 Септември“.

Тој појасни дека се работи за странски консултанти од кои поголем дел се штотуку пензионирани менаџери, бизнисмени и други лица што во соодветната област во која на нашите компании им требаат консултанстски услуги поминале 35-40 години и се луѓе што доаѓаат од високо развиени држави и многу поразвиени компании од оние во кои што ќе доаѓаат да даваат совети.

Владата, додаде Груевски, објави оглас за повик до компаниите да се пријават доколку се заинтересирани за обезбедување консултанти од нивните области што ќе им помогнат за развој на нивниот бизнис. Повикот важи за компаниите од сите области независно дали се од земјоделство, градежништво, туризам, производство на храна и други производи, буквално од сите гранки.

- Има само два критериуми кои не се многу ограничувачки така што најголем дел од фирмите во Македонија може да се квалификуваат. Апликациите ќе бидат разгледани и ќе се обидеме колку што е можно повеќе консултанти да донесеме во земјата да им помогнат на овие компании со цел тие да го зајакнат квалитетот на својот производ, да го зголемат извозот и да отворат нови работни места, изјави Груевски.

Според него, доколку консултантот помогне да се најдат нови пазари, да се подобри маркетингот на производот со различни идеји, квалитетот и системот на производство, да се намалат трошоците и да се зголеми ефикасноста и продуктивноста ќе останат многу пари кај сопствениците. Тие пари, подвлече Груевски, сопствениците најчесто ги вложуваат во нови погони, нови капацитети, а тоа значи и нови работни места.