Се подобрува начинот на испитниот процес во државните служби

Преку компјутерско полагање ќе се подобрува квалитетот на испитниот процес во државните служби, најави денеска премиерот Никола Груевски, одогварајќи на новинарско прашање по отпочнувањето градежни работи за проширување и реконструкција на улицата „Трета Македонска бригада“.

На овој начин, смета тој, при полагањето на испитите што ги организира државата ќе се анулира можноста за полагање на испити, за лобирања, поткажувања, допишувања, уфрлања на нешто,...

- Од овие причини го смисливме и начинот на полагање на правосуден испит, а сега го пресликуваме кај сите други институции и полагања на испити што ги организира државата. Тоа е начин што навистина ја анулира, ја носи речиси во невозможна ситуацијата некој да положи без да научи, без да знае, без да вложи труд. Тоа е компјутерско полагање, рече Груевски.

Премиерот појасни дека е предвидено да има голем број прашања од одредената материја, по околу 2.000, кои можат да бидат јавно објавени, без нивните одговори, со посочени книги каде можат да научат.

- Се полага компјутерски, постои комисија од пет лица. Комисијата нема право да се доближува до кандидатите, испитот се снима со камера и се пренесува на веб-страница на соодветното министерство или институција која што го одржува испитот за да може да види јавноста дека е транспарентно и дека никој не им поткажува, допишува, помага на некаков несоодветен начин на оние што полагаат, изјави Груевски.

Софтверот, додаде тој, самостојно ги избира прашањата од тие 2.000. Секој од учесниците што полагаат добива различна комбинација на прашања коишто ги одредува самиот софтвер. Значи, не може на некој да му ги предвиде прашањата што ќе бидат избрани, ниту пак може некој што е до него да препишува затоа што тој има различни прашања.

- Исто така, анулирано е носење книги, тетратки, затоа што сите можни варијанти се предвидени со компјутерскиот начин на полагање. Дури и во услови ако тие имаат право да погледнат некои одредби во одредени закони нема потреба да ги носат службените весници или законите со нив, бидејќи во самиот компјутер ќе бидат електронски внесени тие закони или други работи, кои би биле дозволени однапред да може да најдат некој член, да прочитаат итн. Ако не е дозволено, тогаш нема да има такви работи, подвлече премиерот.

Со ова, нагласи Груевски, се прави транспарентен и чесен начин да тој што најмногу заслужува тој да добие највисоки бодови согласно неговото знаење, односно, се испраќа и порака до сите кои сакаат во иднина да полагаат некој испит што го организира државата дека ако сакаат да положат, да добијат некој сертификат, некоја диплома, да бидат во првите редови на ранг-листа ќе треба добро да се подготват, да го зголемат своето знаење, да научат и да се рангираат меѓу првопласираните за потоа да имаме службеници, кои навистина најдобро ја познаваат од сите што се пријавиле за материјата за која што станува збор.

Премиерот Гуевски информираше дека на вчерашната владина седница биле разгледани 73 закони во различни области, каде што има какво било полагање на испити и тоа било главната цел на поминувањето на овие 73 закони. Постојат уште седум или осум закони што не беа подготвени, но веројатно на наредната седница и тие ќе бидат подготвени и доставени до Собранието, а ќе бидат внесени одредби какви што се внесоа во одредбата за правосуден испит.

Покрај ова, во тие 73 закони, истакна, се направи и усогласување со новиот Закон за инспекциски надзор кој треба да го подобри квалитетот на инспекциите во Република Македонија.