Груевски: Државата ќе помогне за набавка на дефибрилатори во руралните средини

Донесовме одлука со која државата ќе помогне во набавка на дефибрилатори кај сите матични лекари во руралните средини на начин што тие ќе ги купат дефибрилаторите, а потоа парите што ќе ги дадат ќе им бидат одбивани од закупнината што тие редовно ја плаќаат месечно за користење на државниот простор, истакна денеска премиерот Никола Груевски.

Донесовме, посочи премиерот, одредени законски измени со кои се задолжија одредени субјекти и над 100 вработени да имаат дефибрилатори.

- Одејќи низ руралните средини во текот на ова лето збележавме дека има многу населени места кои во близина немаат дефибрилатор. Многу села коишто имаат три, четири и пет илјади жители, а каде што нема институција со над 100 вработени, тие се соочуваат со немањето дефибрилатор и многу луѓе умираат додека да стигнат до соодветна здравствена установа каде што може да им се помогне, рече Груевски, одговорајќи на новинарско прашање по почеток на градежни работи за проширување и реконструкција на улицата „Трета Македонска бригада“.

Појасни дека дефиблилатор е потребен во случај на инфаркт за спасување на животот на некој човек кој добил инфаркт, може да се користи од парамедицински лица, односно лица што не се со завршен медицински факултет, со обука која трае три-четири часа и со тоа може да се спасуваат животи.

- Вообичаено е во руралните средини кога некој ќе добие инфаркт да го однесат до место каде што има лекар и тоа се најчесто матичните лекари во селата. Но, тие немаат дефибрилатори и не постои начин да им помогнат на луѓето што имаат инфаркт. Дури и да има 20-30 лекари тие се беспомошни ако немаат дефибрилатор, само може да го гледаат пациентот како умира. Затоа донесовме одлука со која државата ќе помогне во набавка на дефибрилатори кај сите матични лекари во руралните средини на начин што тие ќе ги купат дефибрилаторите, истакна Греувски.

Секој што ќе обезбеди нов дефибрилатор, како што посочи, од прилика за една или повеќе од една година ќе биде ослободен од плаќаање на закупнини и на тој начин ќе си ги компензира средствата кои ги инвестирал.

- Истовремено лекарот и жителите што живеат во близина ќе добијат дефибрилатор кој во наредните години ќе спаси илјадници животи во Република Македонија затоа што од местото каде што е лекарот и градот каде што има дефибрилатор, многу често има 15 километри, 20, 30, а некаде и по 40, 50 километри до болницата во некој град каде што има ваков апарат. Некогаш пациентите преживуваат возејќи ги до таму, а некогаш умираат по пат. Да имало дефибрилатор во селото кај матичниот лекар тие ќе биле спасени и ќе продолжеле да преживеат, рече Груевски.

Како пример го посочи случајот пред неколку години на симпозиум на кардиолози од Балканот во Охрид.

- Беа собрани околу 150 кардиолози во еден хотел којшто нема дефибрилатор. Ненадејно на еден од лекарите му се слоши и доби инфаркт и 150 кардиолози не можеа да му помогнат бидејќи во хотелот немаше дефибрилатор, а во тоа време немаше ниту нови коли за брза помош коишто сега ги има, да пристигнала и брза помош и таа немала ваков апарат. Кардиологот при 150 кардиолози почина. Правиме мерка со која ќе спасиме многу животи и ќе им овозможиме на лекарите, во матичните амбуланти на лекарите во руралните места да спасуваат животи, додаде премиерот Никола Грувски.