Во текот на месецов конкурс за вработување 300 лица со посебни потреби

Во текот на овој месец треба да излезе конкурсот за вработување на 300 лица со посебни потреби, најави денеска премиерот Никола Груевски.

Одоговарајќи на новинарско прашање по отпочнувањето градежни работи за проширување и реконструкција на улицата „Трета Македонска бригада“, нагласи дека Владата проценила оти се работи за категорија на која треба да и се помогне.

- Меѓу тие лица има што не може да работат, не се работоспособни заради нивниот здравствен проблем, но има и лица коишто се работоспособни и може да им се најде работни места на кои подеднакво добро ќе ја вршат работата како што ја вршат останатите, изјави Груевски.

Ова, според него, е проект што треба директно да им помогне на лицата со посебни потреби да не се чувствуваат само како лица коишто се на терет на државата, да не се чувствуваат занемарени, отфрлени и на некој начин да им се пружи рака, да им се помогне.

Критериумите за категоризација на овие лице ќе ги изготви Министерството за труд и социјална политика.

- Се разбира, ќе биде внимавано на етничката застапеност согласно процентот на етничките заедници во Македонија. Меѓутоа, ќе бидат утврдени критериуми  на кој начин тие ќе бидат примени како што да речеме имаше утврдено критериуми кога беа примани 1.600-те лица од различни ранливи категории. Така и за оваа категорија на лица ќе бидат утврдени посебни критериуми, соодветни на нив и на најтранспарентен начин ќе бидат избраниподвлече Груевски.

Владата на Република Македонија неодамна спроведе проект за вработување на 1.600 лица, четири ранливи категории по 400 лица, дополнително спроведува уште еден, петти по ред за вработување на 50 лица излезени од дом за деца без родители.