Почна изградбата на регионалниот пат Опае-Белновце-Станчиќ

Во општина Липково денеска почнаа градежните работи за изградба на патот Опае-Белновце-Станчиќ кој треба да ги поврзе населените места од регионот.

За изградба на регионалниот пат, кој е во должина од околу 16 километри обезбедени се средства од програмата на Агенцијата за државни патишта, во вредност од 375 милиони денари. Проектот се очекува да заврши по две години.

На почетокот на градежните работи присуствуваше вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор, Муса Џафери, пратеници од Собранието, претставници од  општините Липково и Арачиново и косовскиот амбасадор во Македонија, Илбер Хиса.

- Станува збор за капитален проект. Овој регионален пат ќе биде ставен во функција на новопланираниот граничен премин меѓу Македонија и Косово. Сметам дека овој проект овозможува доближување на жителите од овој регион, а ќе придонесе и  за зголемување на инвестициите и проширување на економската соработка. Воедно, граѓаните ќе заштедат на време, изјави Џафери.

Заменик-министерот за транспорт и врски, Џелал Бајрами оцени дека проектот е значаен за жителите на општините Липково и Куманово.

- Денеска започнуваме со реализација на овој проект кој со години беше барање на жителите на овие општини. Со изградбата овозможуваме отварање на уште еден граничен премин меѓу Македонија и Косово, истакна Бајрами.

Директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски најави дека наскоро ќе  отпочне и изградбата на локалниот пат Лојане-Миратовац во должина од осум километри.

- Продолжуваат и активностите за реконструкција на патот Арачиново-Никушатк-Ропаљце, а во наредниот период ќе се продолжи и доврши целата делница од останатиот дел кој води кон Ропаљце, Липково и Оризаре, нагласи Георгиевски.

Градоначалникот на општина Липково, Садула Дураку се надева дека овој пат ќе овозможи економски развој за општината.