Канческа-Милевска се сретна со генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, во седиштето на УНЕСКО во Париз, синоќа имаше работна средба со генералниот директор на оваа меѓународна организација, Ирина Бокова.

На средбата, што се одржува во рамките на 37-то заседание на Генералната конференција на УНЕСКО, беше констатирана добрата соработка и партнерскиот однос кој Република Македонија го негува со УНЕСКО кој се одликува со реализација на многубројни проекти од областа на културата, образованието, информатичкото општество и животната средина, соопшти Министерството за култура.

Министерката Канческа-Милевска нагласи дека со поддршка на УНЕСКО, годинава Република Македонија беше домаќин на повеќе значајни меѓународни настани, меѓу кои и регионалниот состанок за обновување на поранешниот павилјон во Аушвиц, како и Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, која обедини над 250 верски лидери и професори-теолози од целиот свет.

Канческа-Милевска информираше дека Република Македонија достојно ја одбележа и десетгодишнината од донесувањето на една од најважните Конвенции на УНЕСКО за зачувување на светското нематеријално културно наследство, со реализација на регионален настан. Националниот комитет за традиционална музика на Македонија, со поддршка на Министерството за култура и Националната комисија на УНЕСКО, во текот на минатиот месец организираше  концерт на кој беа претставени автентичните вредности на нематеријалното културно наследство на земјите од регионот на југоисточна Европа, како: Бугарија, Албанија, Романија, Хрватска и Турција, кои имаат впишано свои добра на листата на УНЕСКО.

Министерката за култура на средбата го изрази своето уверување дека УНЕСКО ќе ги поддржи трите апликации за впишување во Репрезентативната листа за заштита на нематеријалното културно наследство што Република Македонија ги достави до оваа организација, а кои се однесуваат на:  „Гласоечкото пеење“ - машко двогласно пеење од Долни Полог; „Копачка“ - соборско оро од село Драмче, Делчевско; социјалните практики при прославувањето на празникот Четрсе (40 свети великомаченици) во Штип.

Како една од значајните активности која Република Македонија очекува позитивно да биде потврдена за време на оваа Генерална конференција, е и апликацијата за основање на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) во Скопје, како Институт под покровителство на УНЕСКО од Категорија 2.

Канческа-Милевска информираше и дека во 2013 година Македонија востанови Национален комитет за програмата МАБ и заедно со Владата на Република Албанија до Секретаријатот на МАБ беше поднесена апликација за прогласување на прекуграничниот биосферен резерват Охрид-Преспа под заштита на УНЕСКО.

На крајот од средбата беше изразено уверување дека Република Македонија, како член на Извршниот одбор на УНЕСКО, и во иднина  доследно ќе се залага за натамошно развивање на УНЕСКО, за засилување на неговата меѓународната улога и унапредување на традиционалната соработка со сите држави-членки.

Министерката Канческа-Милевска, која е и претседател на Националната комисија на УНЕСКО, денеска во попладневите часови ќе има обраќање пред учесниците на Генералната конференција, која се одржува од 5 до 20 ноември.