Ставрески: Јавни информациите за долгот

Јавно се достапни податоците за нивото на јавниот долг, долговите на јавните претпријатија и секое евентуално задолжување за кое гарантира државата, рече денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Одговорајќи на новинарски прашања по последната оценка на Мисијата на ММФ за македонската економија, Ставрески потенцира дека обврските на јавните претпријатија се третираат како долг само ако за нив гаранцијата e од државата.

- Нивото на долгот на Македонија е 34,1 процент од БДП и овој податок на месечна основа е јавно достапен на интерент страницата на Министерството за финансии. Јавните претпријатија, за патишита, акционерските друштва, АД ЕЛЕМ, МЕПСО,..., исто така имаат веб страници на кои побарувања и обврските ги презентираат во различен формат. Тие обрвски не може да се третираат како јавен долг зашто се потенцијални обврски. За дел од нив државата издава гаранција, за друг дел не. Ако таа гаранција падне, тогаш прераснуваат во долг, нагласи Ставрески.

Според него, кредитот на Јавното претпријатие за патишта од кинеската Ексим банка за изградба на двата авотпата, ќе биде дел од потенцијалните обврски тогаш кога ќе почне користењето на средствата, односно изградбата на патиштата и повлекувањето на парите од кредитот.

- Секој проект и кредит за кој гарантира државата согласно закон, се презенитра во Собранието на РМ и таа информација е достапна до јавноста, дециден беше вицепремиерот.

Извештајот на Светска банка, напомена, е уште една потврда дека Македонија е единствена во Југоисточна Европа која и во услови на криза успеа да ја намали невработеноста.

- Кај нас се создаваат работни места кога во други земји се губат. Нивото на невработеност е историски најниско и од тој аспект можеме да бидеме задоволни, но не и помалку амбициозни во иднина да продолжиме со политиките за намалување на невработеноста, рече Ставреаски, одговорајќи на новинарско прашање.

Квалитетот и структурата на работните места зависат, додаде, од општите услови и можностите. Во слободните економски зони и таму каде што егзистираат мултинационалните компании има работни места кои бараат и пониско и повисоко квалификувана или специјализирана работна сила.

- Извештајот на Светска банка покажува дека е зголемен степенот на образование на вработените за четири процентни поени што покажува дека се оди во вистинската насока. Тука ќе има дополнителни проекти, но во целина, сметам дека движењата на пазарот на работна сила се  позитивни и тоа го покажува Извештајот, истакна вицепремиерот.

Предизвик за во иднина е, порача, македонските претпријатија да го подобрат капацитетот за соработка со глобалните компании во слободните зони и да се интегрираат во нивните производни процеси. Тоа ќе помогне да се креираат работни места кои бараат повисоки кваификации.