Груевски: ТИРЗ во Тетово можност за нови инвестиции и работни места

Изградбата на инфраструктурата во Технолошко-развојната економска зона кај Тетово дава можност за отворање поголем број фабрики, што ќе значи и нови работни места за жителите од Тетово, Гостивар и регионот, истакна премиерот Никола Груевски на поставувањето камен-темелник на оваа економска зона што под концесија ја има норвешката фирма НОРМАК. 

- Зоната кај Тетово е дел од големиот проект на Владата за отворање вакви економски зони крај сите поголеми градови во државата. Досега се отворени „Скопје 1“, „Скопје 2“ и „Штип“, а градежните работи се одвиваат во Кичево, Гевгелија, Прилеп и Струмица, додека почеток на прибирање документација има на повеќе други места низ државата, рече премиерот Груевски.

Тој додаде дека зоната кај Тетово е основана 2010 година со одлука на Владата и делумно доцнеше поради имотно-правните проблеми кои веќе се надминати, како и дека првпат се применува тип на инвестиции во економските зони во Македонија по принципот на јавно-приватно партнерство. Тоа, појасни премиерот, значи дека компанијата концесионер ќе ја изгради внатрешната инфраструктура, додека македонската страна е задолжена за надворешната инфраструктура, изградбата на патен приклучок од автопатот Скопје – Тетово до зоната.

- Со изградбата на адекватната инфраструктура ќе има вистински простор што ќе привлече странски инвеститори, особено што одговара местоположбата бидејќи се блиску границите со Косово, Албанија и Србија, постоењето на двата универзитета во Тетово како можност за висококвалитетни и доброобразувани кадри што може да претставува атрактивна зона за многу инвеститори, рече Груевски.

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо потенцираше дека станува збор за вкупна инвестиција од 7 милиони евра што ќе се реализира во три фази во период од пет години и треба да придонесе за регионален економски развој, отворање нови работни места и примена на нови технологии за што подобра конкурентност на нашето стопанство.

Ерик Веле Ватне, директор на Иновејшан Норвеј, дел од НОРМАК компанијата, рече дека зоната кај Тетово ја смета како многу важно место за развој на бизнисот и вети дека нивната компанија ќе ги направи сите потребни напори за да се привлечат инвеститори во неа.

Тој истакна дека нивната компанија работела и во други земји, но дека во Македонија добиле една од најголемите поддршки на сите нивоа и оти биле добро прифатени. Се надева дека 16-годишното искуство што го имаат за изградба на вакви индустриски зони ќе може да го пренесат тука.

Министерот за економија Ваљон Сарачини рече дека станува збор за реализација на еден капитален проект што гарантира економски просперитет и развој за сите граѓани.

- Иако имаше голем скептицизам за неговата реализација, ние како Влада работевме според планот што го предвидовме, пронајдовме сериозен инвеститор и покажавме дека ако се работи со добра намера и цел има и успех, рече Сарачини.