„Џонсон Мети“ отвори нови погони, вработување за 200 лица

Меѓународната компанија „Џонсон Мети“ денеска отвори нови погони за производство на автокатализатори во индустриската зона „Скопје 1 -Бунарџик“ , во чија изградба вложи 60 милиони евра.

Новиот објект каде ќе бидат вработени 200 луѓе во употреба го пушти премиерот Никола Груевски во присуство на раководството на компанијата.

Тоа е втора фабрика на „Џонсон Мети“ во индустриската зона „Бунарџик“. Првите погони на истата локација компанијата ги отвори во април 2010 година, а вкупните вложувања во Македонија се околу 130 милиони евра. Премиерот Груевски оцени дека првата инвестиција на „Џонсон Мети“ ги оправдала нивните очекувања поради што пројавиле интерес за изградба и на втора фабрика во Македонија.

- На тој пат соработката и поддршката од институциите, како и добрата бизнис-клима во нашата земја беа само поткрепа на плановите на инвеститорот. Она што исто така радува е задоволството на компанијата од способностите и постигнувањата на вработени во „Џонсон Мети“ во Македонија, рече Груевски, посочувајќи дека образованите, способни и мотивирани кадри и поддршката од институциите биле силна поткрепа во одлуката за изградба на втората фабрика.

„Џонсон Мети“, посочи Груевски, е број еден извозник од Македонија, а со производството во новата фабрика нивниот удел во македонскиот извоз дополнително ќе се зголеми.

Груевски очекува извозот на „Џонсон Мети“ следната година да достигне милијарда евра, а година дена потоа 1.250.000.000 евра. На претставниците на „Џонсон Мети“ им посака успех во понатамошната работа, освојување нови пазари и нови клиенти, зголемен обем на побарувачка и продажба на нивните производи и доколку нивните потреби налагаат зголемено производство и трета фабрика во Република Македонија.

Извршниот директор на Одделот за еколошки технологии на „Џонсон Мети“ Џон Вокер истакна дека заедно со средствата за новите погони компанијата досега вложила 132 милиони евра со што се докажала нивната намера за долгорочно инвестирање во Македонија.

- Во фабриката беа произведени 10 милиони катализатори за само три години што е рекорд за која било нова постројка на „Џонсон Мети“. Исто така, стандардите за изработка беа бргу достигнати и тие се на ниво на најдобрите во класата. Ова е пример и модел за тоа што може да се постигне со една гринфилд инвестиција, наведе Вокер.

Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за ТИРЗ истакна дека вложувањето на „Џонсон Мети“ е најголемата гринфилд инвестиција во Македонија.

- Покрај зголемената побарувачка на автомобилски катализатори на светските пазари, како и новите светски регулативи, поддршката од институциите и реформите за водење бизнис во Македонија сигурно беа едни од клучните фактори „Џонсон Мети“ да ја донесе одлуката за реинвестирање, рече Мизо.

Со вториот производствен погон, укажа, се креираат нови работни места, но пред се трансфер на знаење, развој на нови технологии и учество на локални компании во добавувачкиот процес на „Џонсон Мети“. Ако минатата година извозот на компанијата изнесуваше околу 480 милиони евра, со двете нови производствени линии се очекува повеќе од двојно зголемување на овој извоз до 2015 година.

Новите погони на „Џонсон Мети“ во Македонија имаат дополнителни две ленти и вкупен капацитет од 10 милиони лесни автокатализатори. Моментно се ангажирани 450 вработени, а проширувањето, според инвеститорот, создава услови да се вработат уште 200 лица.

„Џонсон Мети“ ПЛЦ е компанија што котира меѓу најмоќните 100 брендови на Лондонската берза. Таа е меѓу водечките светски производители на катализатори за контрола на емисии на издувни гасови од возилата и лидер во системите за намалување емисии од индустриските процеси во постројки ширум светот.