Американска донација за Граничната полиција и Царината

Американска донација вредна близу половина милион долари денеска и беше предадена на Гранична полиција и на Царинската управа на Република Македонија.

Донацијата вклучува уреди за надзор во ноќни услови, термални визири, инструменти за вршење преглед, камери за надзор, ГПС-уреди, детектори за радијација и две патролни возила.

На свеченоста по повод доделување на опремата американскиот амбасадор Пол Волерс истакна дека донацијата е обезбедена преку Програмата за контрола на извозот и гранична безбедност на САД, а целта е подобрување на способноста на македонската Гранична полиција и Царинската управа за спроведување професионална гранична контрола долж границата и на граничните премини.

- Како што сите знаеме, безбедните граници многу придонесуваат за внатрешната и регионалната безбедност. Опремата ќе го зголеми капацитетот на двете гранични служби на многу начини и тоа во спроведување граничен надзор, патролирање и попречување на легални активности, борба против граничен криминал и тероризам, откривање радијација, идентификација на оружје за масовно уништување и спроведување примарен и секундарен преглед на граничните премини, рече амбасадорот Волерс.

Министерката Гордана Јанкулоска заблагодарувајќи се за донацијата истакна дека таа ќе придонесе за натамошно осовременување и ефикасно функционирање на оперативните сегменти од полициското работење и особено за граничната безбедност и сузбивање на прекуграничниот криминал.

- Токму безбедноста на границите е еден од приоритетите коишто ги имаме особено заради глобалниот развој на настаните бројните конфликти што резултираа со значителни миграциски бранови, рече Јанкулоска.

Таа подвлече дека во првите девет месеци од годинава на територијата на Македонија се откриени над 900 илегални мигранти во однос на истиот период лани. Само од јужната граница, додаде, зголемувањето во однос на истиот период од претходната година е за 3,5 пати, а огромен е и бројот на лица од Сирија, Авганистан и Пакистан.

Покрај овие активности, реализирани биле вкупно 90 дела „за криумчарење мигранти“ и „злоупотреба на безвизниот режим“ за кој се пријавени 53 сторители при што биле откриени 187 илегалци и 77 лица кои се обидувале да го злоупотребат безвизниот режим.

- Заради тоа, од особено значење е реализацијата на специфичните обуки од доменот на граничната безбедност и донацијата на високософистицирана опрема за надзор на државната граница. Во годините зад нас Граничната полиција при МВР се разви во современа технички опремена организациона единица која во ништо не заостанува во однос на подготвеноста и квалитетот на сличните единици на земјите од регионот и пошироко, но и по однос на соработката со меѓународните организации кои делуваат во сферата на граничната безбедност, рече Јанкулоска.

Директорот на Царинската управа Ванчо Каргов подвлече дека со донираната опрема Царината продолжува да се осовременува и да ги јакне своите капацитети. Изминатите години, посочи, ги одбележа појавата за обиди за внесување на здравствена стока, а оваа година кои биле ефикасно спречени благодарение на опрема донирана од САД. Оваа година, пак, е забележан голем број на случаи на илегална миграција, а заедно со МВР откриени се 25 случаи на обиди за криумчарење на дрога, цигари и оружје.

Програмата за контрола на извозот и гранична безбедност на САД во изминативе девет години и додели помош на Македонија во вредност од над три милиони долари во форма на донации на опрема и обуки, а спонзорираше и преку 90 обуки за повеќе од илјада службеници од институции во министерствата за економија, финансии, надворешни и внатрешни работи.