Словенечкиот претседател лично ќе се заложи за евроатлантската интеграција на Македонија

Премиерот Никола Груевски во рамки на посетата на Словенија попладнево се сретна со словенечкиот претседател Борут Пахор при што беа констатирани одличните пријателски односи, кои бележат постојан пораст и остварување на дијалог на највисоко ниво.

На средбата е констатирано дека не постојат отворени прашања меѓу двете држави што дава дополнителен квалитет во меѓусебните односи кој треба да биде искористен, особено во полето на економската и културната соработка.

Изразена е заедничка заложба за унапредување на економската соработка преку зголемување на трговската размена, соработка на полето на инвестициите и можноста да се вложува во повеќе специфични области каде постои капацитет за тоа.

Премиерот Груевски го информираше словенечкиот претседател за реформите и напорите што ги прави Република Македонија на полето на интеграциите во ЕУ и НАТО што е стратешка определба на државата.

Словенечкиот претседател изрази силна поддршка на интеграциските процеси на државата истакнувајќи дека лично ќе се заложи за лобирање на тој план.

На средбата е потврдено дека одличните билатерални односи може да се искористат и во развој на други видови соработка како на пример во областа на туризмот, спортот и земјоделството каде постојат конкретни проекти што треба да се развиваат.

Премиерот Груевски истакна дека во Македонија постои позитивно искуство од словенечките инвестиции што претставува добра основа за дополнително интензивирање, а претседателот Пахор  посочи дека Словенија е заинтересирана за развој и оти може таа соработка да се продлабочи.

Попладнево, премиерот Груевски се сретна и со претседателот на словенечкиот Парламент Јанко Вебер, со што ја заврши официјалната посета на Словенија.

На средбата, Вебер истакна дека Словенија останува отворен поддржувач на Македонија во поглед на нејзинината ЕУ и НАТО агенда. Тој го поздрави напредокот и заложбите на Македонија и истакна дека блиската соаботка треба да вроди со зголемена соработка во полето на економијата, за што изрази подготвеност на почетокот на следната година да ја посети Македонија со стопанственици кои би биле подготвени да инвестираат.