Седница на владиниот Комитет за претприемништво и иновации

Почитувани

Комитетот за претприемништво и иновации со кој претседава претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска(14 ноември 2013 година) ја одржа својата шеснаесетта седница

На седницата присуствуваа и меѓународни експерти од областа на претприемништвото и иновациите, кои разменија искуства и мислења со своите македонски колеги, професори и владините претставници.

Се презентираа тековните активности и заложби за зголемување на иновацискиот и претприемничкиот потенцијал на македонската економија. Во прилог на тоа се одредија насоките и идните активности за подобрување на соработката и партнерствата меѓу универзитетите и фирмите, се со цел за креирање на поуспешен образовен и приватен економски сектор.

Меѓународните експерти од областа на иновациите во соработка со експерти од Светската Банка ги презентираа своите идеи за идната работа на Фондот за иновации и технолошки развој, кое во идниот период ќе биде централно и тело од клучно значење во поддршката на македонскиот иновациски и претприемнички потенцијал.

Беа истакнати повеќе компаративни истражувања и искуства од многубројни земји од регионот и пошироко кои го засновале својот развој на економија базирана на знаење и иновации.

Детално се анализираа правците на развој и можностите за поддршка на македонските компании и иноваторите преку предвидените инструменти за поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој наменети за зајакнување на иновацискиот потенцијал, бројот на иновации, успешноста и реализацијата на тие иновации и подобрување на претприемништвото.

Владата на Република Македонија спроведува континуирани заложби за развој и промоција на иноваторството и претприемништвото со зајакнување на економскиот сектор, креирање на работни места, зголемување на производството и извозот и создавање на поголем економски раст.