Пуштена во употреба спортската сала во ОУ „Исмаил Кемали“

Премиерот Никола Груевски, министерот за образование и наука Спиро Ристовски и градоначалникот  на Гостивар Невзат Бејта денеска ја пуштија во употреба спортската сала во основното училиште „Исмаил Кемали“.

Салата се простира на површина од 1.300 метри квадратни, со капацитет од 400 седишта. Опремена е со реквизити за спортски игри во сала, гимнастика, санитарни јазли и простории за наставниците. За нејзина изградба одвоени се 37 милиони денари.

Со изградбата на спортската сала, како што истакна Груевски, им се овозможуваат подобри услови за спорт и рекреација на учениците, но и рекреативците и спортистите од Гостивар.

- Во изминатиот период во Гостивар и Гостиварско имаше повеќе вложувања, како што е изградбата на големото фудбалско игралиште, почетокот на градба на спортската сала во ОУ „Мустафа Кемал Ататурк“, распишување тендери за четири тениски игралишта кај Градскиот стадион и за двете повеќенаменски спортски игралишта во средното училиште „Гостивар“ и во населбата Циглана, реконструкција на повеќе училишта, зградата на Основниот и Апелацискиот суд во Гостивар, реконструкција на болницата, како и обезбедување возила за нивните потреби, реконструкција на Саат кулата, Беговата куќа и Медресата, потсети Груевски.

Спортот, според министерот Ристовски, има големо значење за младите.

- Со изградбата на спортска сала во ова училиште се придонесува во залагањата на Министерството за зголемување на фондот на часовите по спорт и спортски активности, рече Ристовски. 

Градоначалникот Бејта нагласи дека новата сала е една од најмодерните во Гостивар и има особено значење, бидејќи ова е најстарото училиште во градот Покрај учениците, додаде тој, салата ќе можат да ја користат и останатите граѓани.