Презентирани можностите за инвестирање во Македонија пред бизнисмени од Индијанополис

Владиниот економски тим предводен од вицепремиерот Владимир Пешевски ги презентираше можностите за инвестирање на бизнис форум во Индијанаполис, САД.

Како што соопшти Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, четириесетина претставници на компании од поширокиот регион на Индијанаполис слушнаа за поволните деловни услови што ги нуди Република Македонија.

Бизнис форумот беше организиран во партнерство со Стопанската комора на Индијанаполис, „Индѕ Цхамбер”, и Интернационалниот центар на Индијанаполис.

Економскиот тим посети и две глобални компании кои произведуваат автомобилски компоненти. На средбите со извршните тимови на компаниите беа презентирани инвестициските можности во автомобилскиот производствен сектор, како и успешните примери на интернационалните компании од оваа индустрија кои веќе имаат операции во Македонија. Претставниците на компаниите ги презентираа плановите за нивните инвестициски проекти во Европа.

Во економската владина делегација со вицепремиерот Пешевски се и министерот за странски инвестиции Бил Павлески, директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо, амбасадорот на Република Македонија во САД Зоран Јолевски, како и економскиот промотор Дејан Величков. Делегацијата продолжува со роудшоуто во понеделник, со бизнис форум во Милвоки.