Министерот Ристовски за целосна и навремена презентација на реформите и новите наставни методи во образованието

Во Охрид во организација на Европската унија денеска беше отворена дводневна регионална конференција посветена на методите за подобрување на улогата на наставниот кадар во образовниот систем, на која покрај претставнци на обраозвните системи на државите од регионот присуствуваат и нивни колеги од држави од централна Европа кои се веќе членки на Унијата, како и генералниот директор за образование и култура на ЕУ, Јан Трушчински.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека собирот во Охрид е исклучителна можност за размена на искуствата во односната материја од периодот на транформација на образовните системи во постранзиционите периоди во земјите кои станаа членки на ЕУ, како и за презентација на реформите што Македонија ги спроведува во образованието.

- Нашиот најголем партнер во спроведувањето на овие реформи се токму наставниците, тие ни се денеска главната цел, пред се методите за нивна мотивација во подобрување на наставниот процес во целина. Очекувам дека финалните заклучоци од конференцијата ќе резултираат со регионални тренинзи и обуки посветени на наставниот кадар, рече Ристовски.

Тој истакна дека врз основа презентираното, заедничка констатација е дека независно од каде доаѓаат наставниците, во принцип проблемите се слични, воглавно интензвирање на користењето на информатичката технологија, познавање странски јазици и методолошкиот принцип на пренесувањето на знаењата на учениците.

- За сето тоа да се спроведе потребна е целосна и навремена презентација на реформите и новите наставни методи, за наставниците да бидат главните партнери во нивната имплементација, додаде тој.

Министерот Ристовски потсети дека во принцип генерално човечката природа скептично прифаќа каква било новина, но истовремено им порача на наставниците дека ниту една реформа во образованието нема да се спроведува насила или без соработка и поддршка од самите нив.

- Свесен сум дека некои од реформите се прифаќаат полесно некои потешко, но сите заеднички мора да работиме на континуирано подобрување на образовниот процес. Тоа е жива материја, не се организира еднаш засекогаш односно тој постојано се менува, заклучи тој.

Десанка Радуновиќ претседател на Националниот совет за образование на Република Србија, укажа на потребата секоја од државите од регионот да има стратегија и планови за подобрување на образовниот систем, што ќе бидат препознаени и поддржани од ЕУ, пред се преку искористување на примерите на добра практика.

- Периодот на транзиција остави длабоки траги и врз образовните системи на земјите од регионот. Образовниот систем тешко се урива, но исто така и тешко се гради. Стравувам дека некако низ таа транзиција премногу се посвети внимание на приватизацијата во обраозванието, што не е лошо доколку истото се спроведува преку осмислена стратегија и контрола на квалитетот, истакна таа.

Радуловиќ укажа дека начинот на кој тоа е спроведено, барем во Србија, резултирал со  појава на недоволно квалитетни наставни програми особено во високото образование, како и некомпетентни кадри. Како проблем ја посочи и сиромаштијата на општеството, одливот на кадри и демографските промени.

- Напредок има во делот на образовните политики, и тоа од претшколски до највисоките докторски студии. Усвоени се стандарди за постигнувањата на успехот на учениците во основното и средното образование, за компетенцијата на наставниот кадар, стандарди за квалитетот на учебниците, образовните институции. Практично, легислативниот дел е усвоен, проблем е имплементацијата, додаде таа.