Груевски: Со „Домашна визита“ до поголема грижа за хронично болните и изнемоштените

Преку проектот „Домашна визита“ Владата сака да покаже и да воведе поголема грижа за хронично болните и изнемоштени лица, изјави денеска премиерот Никола Груевски.

Одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на 12 нови наслови на книги,  дел од проектот „Превод на 1000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија“, Груевски појасни дека изнемоштените и хронично болните не мора да одат во болниците, туку медицински тимови од јавните здравствени установи ќе ги посетуваат нивните домови и ќе ги вршат потребните здравствени услуги.

- Според плановите на Министерството за здравство и Владата, проектот треба да опфати над 9.000 лица. Проектот е замислен на оние што се хронично болни, изнемоштени и постари лица да имаат домашни визити, каде ќе им бидат извршени различни проверки, на различни детали од здравствената состојба, со цел тие да немора да одат во болница. Тие се водат во евиденцијата на „Мој термин“ како хронично болни и како многу изнемоштени лица и одењето во болница им е многу тешко, рече Груевски.

Доколку резултатите од овој пилот проект се покажат како добри, Груевски најави дека ќе премине во трајна грижа за ова категорија граѓани.