Министерот Попоски се сретна со претставници на македонската дијаспора во Канада

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, во рамките на работната посета на Канада, синоќа имаше обраќање на приемот организиран од  Црковно-народната заедница и организацијата Обединети Македонци од Канада во Соборниот храм Св. Климент Охридски во Торонто.

- Се чувствувам добредојден како да сум дома. Одржувањето на македонската традиција, култура и јазик не спојува каде и да сме, рече министерот Попоски.

Шефот на македонската дипломатија ја истакна заложбата на Република Македонија да негува врска со Македонците од целиот свет. Со таа цел, Министерството за надворешни работи секоја година поддржува активности на македонската дијаспора преку својот годишен јавен повик за проектни апликации.

- Македонците во Канада уживаат впечаток на чесни, искрени и трудољубиви граѓани на Канада. Вие сте нашите први и најголеми амбасадори. Вие го оставате првиот впечаток за Македонија, вашиот успех е и успех на вашиот народ и држава. Македонија е горда на својата дијаспора, истакна министерот Попоски.  

Од Црковно-народната заедница и организацијата Обединети Македонци изразија задоволство од досегашната соработка и посакаа да продолжи.