Националниот сојуз на глувите одбележа 65 години постоење

Националниот сојуз на глуви и наглуви на Република Македонија денеска одбележа 65 години од постоењето, посветени, како што беше истакнато на денешната свечена седница, на  организираното решавање на проблемите на глувите и наглувите лица.

- Овие години ги посветивте на подобрување на квалитетот на вашиот живот, на осигурување на вашите основни човекови права, унапредување на вашето образование, афирмација на знаковниот јазик, унапредување на социјалната заштита, надминување на комуникациските бариери, достапност до средствата за јавно информирање, организиран спортски живот..., истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на обраќањето на седницата.

Потсети на се она што инстутуциите во соработка со здруженијата на овие лица успеале да направат за да ја подобрат нивната положба.

- Глувите и наглувите лица се интегрирани и вклучени во општествените текови. Го добивте мостот меѓу тишината и звукот, знаковниот јазик, се изборивме за воведување Дневник на знаковен јазик кој се емитува на националниот јавен сервис, озаконивме бројни социјални бенефиции, на што наскоро ќе се додаде и паричниот додаток за глувост. Овозможивме пристап до пазарот на трудот и можност за вработување не само во приватниот сектор туку и во државните институции, при што во тек е огласот за вработување 300 инвалиди. Сето ова го постигнавме заедно со вас, рече Спасов.

Претседателот на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица Васко Марков, осврнувајќи се на 65-годишнината од неговото формирање, истакна оти тоа биле години на негово формирање, поставување темели за борба за поголеми права, период на формирање образовни инстутуции за глуви и наглуви лица, развој на социјалната заштита, културно-забавниот и спортскиот живот...

- Последниве неколку години сојузот со своите активности овозможи да се осознаат потребите и проблемите со кои се соочуваат глувите и наглувите лица во секојдневниот живот, притоа од голема помош ни беше потпишувањето на конвенцијата за изедначување на правата на лицата со инвалидност. Благодарение на Владата последниве години се донесоа неколку значајни законски решенија со кои се подобри животот на овие лица. Посебно сакаме да истакнеме дека во 2009 го донесе Законот за знаковен јазик со кој го призна овој јазик за мајчин јазик на глувите и наглуви лица, рече тој.

Во националниот сојуз има 6.000 членови и разгранета мрежа на 17 општински организации.