При инспекција во „Саса“ изречени кривична пријава и казни од 46.000 евра

Кривична пријава за правното и одговорното лице во рудникот „Саса“ во Македонска Каменица, како и повеќе прекршочни пријави  со кои е предвидена вкупна парична казна од 46.000 евра, се изречени при  вчерашниот инспекциски надзор во рудникот.  

Таму завчера загина трисетгодишниот Јанче Дојчиновски, одржувач на машини, а вчера беше спроведен надзор од 10 инспектори од Државниот инспекторат за труд и двајца од Државниот технички инспекторат, во присуство на министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

При инспекциските проверки, според Спасов, се констатирани повеќе прекршоци.

-  Од областа на безбедност и здравје при работа на работниците  поднесени се 5 прекршочни пријави од кои 4 се од трета категорија со парична казна од по 8.000 евра. Заедно со глобата изречена од техничкиот инспекторат вкупните парични казни што се изречени во вчерашниот ден се околу  46.000 евра за непочитување повеќе одредби од законите за безбедност и здравје при работа, за работни односи и за минерални суровини, информира министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Прекршоците се претежно за областа безбедност и здравје при работа, односно неспроведени здравстени прегледи за сите работни, а исто така не била во ред изјавата за безбедност и здравје при работа и не била целосно испитувана заштитната опрема.

Според Спасов,  последниот инспекциски надзор во „Саса“ е извршен во септември година. Во изминатите неколку месеци, тврди министерот, трудовиот и техничкиот инспекторат спровеле повеќе од три инспекциски надзори. Тогаш исто така се изречени мерки, санкции, забрани за вршење  работа во определен дел..,  додека не ги отстранат недостатоците.При првичните инспекциски надзори голем дел од недостатоците се отстранети, а за забелешките по кои не е постапено се изречени прекршоците и е покрената кривичната пријава, рече Спасов.

Покрај редовните инспекции, најави, во наредниот период ќе следат и вонредни инспекциски надзори кај градежните компании ангажирани  на изградба на поголеми објекти и руднивите и поголемите индустриски капацитети.