Ново основно училиште во општина Чаир

Општина Чаир доби нов објект на основното училиште „Битолски конгрес“ (Конгреси и Манастирит), кое почна да се гради во 2009 година и ги замени старите и дотраени бараки на училиштето кои постоеја од 1964 година.

Двокатниот објект е изграден на површина од скоро 6.000 метри квадратни, има 23 училници, 18 кабинети и 10 канцеларии и е инвестиција на Владата на Република Македонија од околу 1.800.000 евра.

Училиштето во една смена може да прими 900 ученици. Почна да работи во оваа учебна година, а денеска беше официјално отворено во пресрет на утрешниот ден на албанската азбука, бидејќи и го носи името „Битолски конгрес“ каде што таа е унифицирана пред 105 години.

На отворањето на новиот училиштен објект премиерот Никола Груевски истакна дека најдобар начин да се прослави денот на албанската азбука е да се отвори храм на писменоста и образованието. Нагласи дека темелен приоритет на Владата е образованието и заложбата секое дете во Македонија да има настава во квалитетни услови, без оглед на неговата етничка и верска припадност.

- Решен е голем проблем за учениците, но и за родителите кои досега го одбегнуваа ова училиште поради дотраените бараки и децата ги запишуваа во други околни училишта. Сега веќе  може да зборуваме за модерно училиште со сите стандарди кое, на задоволство на сите, е пуштено во употреба, истакна Груевски.

На свеченоста, на која присуствуваа членови на Владата од коалицискиот партнер ДУИ, се обратија министерот за обрзование и наука Спиро Ристовски и неговиот заменик Сафет Незири, кои информираа дека со новото училиште во Чаир, бројот на новоизградени училишта во Македонија во изминатите години е 45, од кои три се средни училишта, а  неколку се во фаза на градење.

Градоначалникот на Чаир Изет Меџити и се заблагодари на Владата, на МОН и на министрите за образование во изминатите четири години за нивниот придонес во реализирањето на оваа инвестиција. 

На новинарско прашање зошто на таблата над влезот името на училиштетио не е преведено на македонски во „Битолски конгрес“,  туку има кирилична транскрипција на албанскиот назив (Конгреси и Манастирит), министерот Ристовски одговори дека има и други училишта со такво име во Македонија.

- Во овој случај говориме за капитален објект од безмалку два милиона евра. Прашањето е апсолвирано, старото училиште го имаше истото име повеќе од седум години. Училишта со ова име има на повеќе места во Република Македонија и воопшто не е никаква промена на топоними. Го означува конгресот што бил одржан во Битола и не гледам нешто позначајно и спорно, рече Ристовски.

За четирите основни училишта во Чаир кои беа преименувани  на почетокот на учебната 2012/2013, ресорниот министер рече дека разговорите на МОН и Општината Чаир се интерни додека не бидат завршени. - Ќе се најде решение за ова прашање. Од МОН има волја за тоа, додаде Ристовски.

Премиерот Груевски во врска со преименуваните училишта  рече дека е политичко прашање за кое разговораат МОН и Општина Чаир и оти се надева набргу на решение.

Од 2007 година Денот на албанската азбука - 22 ноември е неработен за припадниците на албанската етничка заедница во Македонија.

Конгресот во Битола бил отворен на 14 ноември и траел до 22 ноември 1908 година. Учествувале 50 делегати од 26 градови, клубови и друштва. На Конгресот била усвоена одлуката да се прифати латиницата со извесни промени на буквите адаптирани на особеностите на албанскиот јазик. Во Битола тогаш присуствувале албански интелектуалци од целиот свет, зашто градот бил конзулски центар и безбедно место. Азбуката прифатена на Битолскиот конгрес денеска се користи секаде каде што живее албанско население.