Отворена училишна спортска сала во ОУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче

Основното училиште „Гоце Делчев“ во населбата Горно Лисиче првпат по 90-ина години постоење доби спортска сала и современи услови за настава по физичко образование на неговите ученици.

Изградена е на 650 метри квадратни и опремена со реквизити за разновидни спортови (ракомет, мал фудбал, кошарка, гимнастика, пинг-понг). Во неа се вложени околу 23 милиони денари, обезбедени од државниот буџет и од Банката за развој при Советот на Европа. Таа е дел од проектот на Владата за изградба на 145 училишни спортски сали низ Македонија.

На пуштањето на објектот во употреба премиерот Никола Груевски рече дека генерации ученици во тоа училиште часовите по физичко ги имале надвор и во несоодветни услови.

- Денес веќе не е така. Новите генерации ќе растат во поинакви околности. Разновидноста на спортската опрема ќе овоможи целокупен физички развој на учениците, со високи стандарди на квалитет. Нема повеќе импровизација, сега учениците и наставниците имаат модерна спортска сала. Посакувам што повеќе да се градат млади спортски таленти, со надеж дека еден ден некој ученик овде ќе израсне во врвен спортист кој ќе ги брани боите на македонската репрезентација, рече Груевски и најави дека во ова училиште ќе следува реконструкција на покривот и на санитарните јазли.

Спортска сала е планирано да се гради и во училиштето во Долно Лисиче, а реконструкции да има во основните училишта „Димитар Македонски“, „Лазо Ангеловски“ и „Љубен Лапе“.

Премиерот посочи дека новата училишна спортска сала е една од низа други инвестиции и проекти во општината Аеродром. Во населбата Горно Лисиче е направена и канализацијата, изградени се тротоари и парк, проширен е патот Горно Лисиче - Долно Лисиче, реконструиран по 30 години.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека проектот за изградба на 145 сали ќе продолжи во општините низ Македонија. - Имајќи ја предвид улогата на спортот во образовниот процес, обезбедувањето инфраструктура е само предуслов за искористување на бенефитите кој тој ги нуди, рече Ристовски.