Првиот Андролошки кабинет отворен во Поликлиниката Букурешт

Во Поликлиника Букурешт во Скопје денеска e отворен првиот Андролошки кабинет во Македонија за откривање машки стерилитет (неплодност) и навремена и ефикасна дијагностика за потребите на корисниците на овој вид здравствена услуга. Партиципацијата за услугата чини 150 денари.

Министерот Тодоров, кој заедно со директорката на Здравствен дом-Скопје Тања Баевска Вучковиќ присуствуваше на отворањето на Андролошкиот кабинет, изјави дека досега матичниот лекар го упатуваше пациентот кај интернист, интернистот на уролог, а тој на Гинекологија.

- Сега имаме многу поедноставена процедура-матичниот лекар директно ги упатува пациентите во андролошкиот кабинет во Поликлиниката Букурешт. Многу се скратува патот на пациентите и се забрзува дијагностиката која е од големо значење потоа или за лекување или за применување на други медицински методи како што е ин витро фертилизацијата. Се скратува времето, но и малтретирањето на пациентите, рече Тодоров.

За нас, посочи министерот, е од големо значење што оваа услуга може да се добие за многу помалку пари од она што го добивале претходно пациентите, имајќи предвид дека многу често тоа се правело во приватни установи затоа што во Здравствениот дом и на секундарно ниво не постоеше ваква дејност, а таа чинеше 1.200 денари.

- Тука партиципацијата е 150 денари, неколкукратно пониска сума што ја прави оваа услуга многу подостапна за граѓаните. Очекувам дека овој Андролошки кабинет, како и сите други кабинети кои ги отворивме во Здравствениот дом, сериозно ја приближија здравствената услуга до граѓаните и може да одговорат на се поголемата потреба од здравствени услуги. Мораме преку вакви мерки да овозможиме што е можно поголем број здравствени услуги да бидат поблиску до граѓаните, истакна Тодоров.

Тој додаде дека со овој начин на функционирање на Здравствениот дом ќе продолжат и во иднина.

Светлана Пандиловска, дипломиран биохемичар, изјави дека Андролошкиот кабинет е консултативен пред пациентите да го донесат тоа што треба како примерок, се консултираат со неа, таа им објаснува каква е процедурата, по што тие доаѓаат на испитувања.

- Максимум дневно може да се сработат четири до пет пациенти затоа што навистина има долг процес на испитување. Младите сами доаѓаат и сакаат да видат каква е нивната плодност, истакна Пандиловска.

Меѓу најчестите причини за машкиот стерилитет ги наведе бурниот начин на живот на младите кои не спортуваат, не се хранат како што треба, често седат пред компјутер итн.

- Треба повеќе физичка активност, добар начин на живеење, помирен ноќен живот, помалку алкохол и цигари итн., додаде Пандиловска.